Отворени се апликациите за Brand Export Competition, преку кој македонските брендови со амбиција за интернационален раст ќе имаат можност да го претстават својот потенцијал пред шведски експерти, а победникот ќе добие поддршка за пласман на својот производ или услуга на шведскиот пазар. Натпреварот е дел од Бизнис Арена 2026, која ќе се одржи на 14. октомври во DoubleTree by Hilton Skopje, а пријавувањето е отворено до 30 септември.
Под мотото „Дали вашиот бренд е подготвен за Шведска?“, Brand Export Competition е наменет за домашни компании кои имаат потенцијал и амбиција да го прошират своето присуство надвор од македонскиот пазар. Идејата е на компаниите да им се отвори простор не само да го претстават својот бренд, туку и да го стават неговиот потенцијал во меѓународен контекст и да направат конкретен чекор кон нов пазар.
Од пристигнатите апликации, стручно жири составено од тројца шведски експерти ќе избере три финалисти, кои ќе добијат место на главната сцена на Бизнис Арена. Секој од нив ќе има само 60 секунди да ја претстави суштината на својот бренд, неговата вредност и потенцијалот за меѓународен раст.
За победникот, сепак, нема да одлучува жирито. На денот на конференцијата, публиката ќе гласа во живо за еден од трите финалисти, а брендот со најмногу гласови ќе го добие Go-to-Sweden Acceleration Package, пакет за поддршка при поставување на неговиот производ или услуга на шведскиот пазар.
Brand Export Competition е дел од поширокиот концепт на годинашната Бизнис Арена, насочен кон посилно поврзување на македонските компании со меѓународни пазари, знаење и деловни контакти. Покрај разговорите за градење силни брендови, конкурентност и интернационализација, натпреварот внесува и практична компонента, можност домашен бренд да го провери својот потенцијал пред меѓународни експерти и да добие конкретна поддршка за понатамошен развој.
Апликациите за Brand Export Competition се отворени до 30. септември 2026 година, а заинтересираните компании можат да го пријават својот бренд преку официјалната страница на натпреварот.
ПР-објава














