Од државното акционерско друштво МЕПСО информираа дека го прифаќаат извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето во 2024 година и посочуваат дека веќе презеле мерки за отстранување на утврдените слабости, кои, како што наведуваат, во голем дел потекнуваат од претходни раководства.
Од таму нагласуваат дека новото раководство немало намера да ги игнорира или релативизира ревизорските наоди, туку ги користело како основа за подобрување на управувањето со имотот, инвестициите, финансиското работење и човечките ресурси.
Според МЕПСО, дел од утврдените состојби биле резултат на долгорочни процеси, договори и имотно-правни прашања што се акумулирале со години, уште од формирањето на компанијата во 2004 година.
Од таму велат дека се преземаат активности за регулирање на сопственоста на далноводи, трафостаници и земјиште, како и за подобрување на сметководствената евиденција. Формирана била и заедничка работна група со ЕВН Македонија за уредување на сопственичките односи кај трафостаниците.
Во текот на 2025 година, МЕПСО активирал и евидентирал завршени инвестиции во вредност од околу 18 милиони евра кои претходно не биле соодветно внесени во деловните книги, со што, како што велат, се обезбедува пореална слика за вредноста на имотот и подобра основа за утврдување на тарифите.
Од таму посочуваат дека дел од инвестициските проекти со години доцнат или се со зголемени трошоци, но дека се преземаат мерки за нивно деблокирање. Меѓу другото, бил раскинат договорот за проектот „Скопје – Велес“, а за проектот „Валандово – Милетково“ се спроведувале активности за комплетирање на документацијата и продолжување на постапката, додека тендерската постапка според правилата на ЕБОР била во тек.
Во насока на подобрување на финансиската дисциплина, од таму велат, дека биле зголемени гаранциите на учесниците на пазарот на електрична енергија и биле зајакнати механизмите за управување со дебаланси, со цел намалување на ризиците од ненаплатливи побарувања.
Во однос на вработувањата, од МЕПСО појаснуваат дека дел од постапките биле започнати и завршени пред доаѓањето на сегашното раководство, но дека ќе се работело на поголема транспарентност и појасни критериуми во идните процеси.
Компанијата наведува и дека сајбер-нападот се случил пред преземањето на новото раководство и дека бил надминат без нарушување на преносот на електрична енергија, при што се спроведувале дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста, вклучително и проект за Disaster Recovery локација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ














