На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, Аднан Џаферовски, еден од четворицата обвинети поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во воведните зборови меѓу друго кажа дека обвинението за него е паушално и дека не му е јасно.
-Не смееме да дозволиме едно зло, една трагедија, да ја одмаздиме со друга. Бараме правда, а не нова неправда. Моја совест е чиста. Обвинет сум за “несторување со умисла„ во нефункционален систем, рече тој.
Неговата адвокатка Сузана Јошевска Атанасовска, пак меѓу друго рече дека трагедијата во Кочани никогаш не треба да се релативизира, но и дека не смее да се дозволи ова обвинение да предизвика нова трагедија со осудени, само за да има “мир во куќа“.
Таа рече и дека инспекциската служба не е под оперативна надлежност на директорот на ДЗС, и дека Инспекцискиот совет е клучниот орган во овој механизам.
-Обвинителството го товари за пропуштен надзор, но не прави разлика меѓу редовен и вонреден надзор. Не е на директорот да пишува планови, туку само да се носат тие планови. Не можете да обвините некого за пропуст ако не можете да докажете што точно пропуштил.
Ова е симулирана правда. Обвинението фрла широка мрежа – да се фати сè што плива, рече таа, посочувајќи дека директорот не ги пишува, ниту оценува плановите за надзор, ниту пак може да нареди вонредни инспекции без претходна дојава, ниту знаел за постоење нелегални објекти.
Основното јавно обвинителство ги товари поранешните директори на ДЗС во периодот од 2012 до 10. март 2025 година дека, иако биле свесни за можноста од штетни последици, не презеле мерки за заштита на животите и имотот од пожари.
Според обвинението, тие не постапиле по законските обврски предвидени во член 68 и член 139 од Законот за заштита и спасување, ниту спровеле надзор врз прописите и правилниците за противпожарна заштита.
Дополнително, тие не донеле одлука за распоредување инспектор во Општина Кочани, која од 2012 година останала без инспектор.
Според Обвинителството, во годишните планови до 2020 година не било предвидено спроведување инспекциски надзор над објекти во Кочани, што според Обвинителството е клучен пропуст.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Игор Бансколиев













