Поранешниот директор на АНБ, Димовски тврди дека Мицкоски не бил таргет на Агенцијата, бара да се декласифицираат документите 

Виктор Димовски, поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) денеска се огласи на Фејсбук за наводите на Агенцијата дека во периодот од 2019 до 2024 година незаконски биле прислушувани поранешен лидер на опозицијата, обвинител и новинари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

АНБ пред еден месец во Обвинителството пријавила незаконско и непрофесионално постапување на поранешен директор и група вработени

Сегашното раководство дошло до овие сознанија по внатрешна контрола, а исто така информираше дека наводите биле доставени и до Основното јавно обвинителство.

Димовски беше првиот директор на АНБ (поранешна Управа за безбедност и контраразузнавање), која беше основана по реформите на безбедносниот систем на државата. Тој со Агенцијата раководеше од нејзиното основање во 2019 до 2022 година, кога на негово место дојде Зарко Милошевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кој го прислушувал и следел Мицкоски?

Неговата реакција Ви ја пренесуваме во целост:

„Во текот на вчерашниот ден од страна на премиерот и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање (АР).

Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки.

Точно е дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.

Во врска со тоа, на мое барање на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми од негова страна.

Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата.

Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања!

Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот “класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои “информирани медиуми” кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Плусинфо: Незаконски прислушувани и следени биле обвинителката Русковска и новинарите Ландов и Златев

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести