Професорката Арлинда Кадри Шахиновиќ, која моментално предава на МИТ Универзитетот во Скопје и адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска се предлозите на македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова за нови членови на Судскиот совет.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Судскиот совет има 15 членови, а претседателката има право да предложи двајца членови.

Која е Кадри Шахиновиќ
Кадри Шахиновиќ е доктор на правни науки и универзитетски наставник со долгогодишно академско и научно искуство.
Во 2007 година дипломирала право, насока Европско право и правото на Европската унија (ЕУ).
Во 2009 година се стекнала со звање магистер на правни науки, насока Европско право правото на ЕУ, на Првиот приватен универзитет – ФОН, со магистерски труд на тема „Брачни пречки”.
Во 2016 година докторирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје со докторска дисертација на тема „Брачните пречки во Римското и современото семејно право“, со што се стекнува со звање доктор на правни науки.
Работно искуство
Својот академски ангажман го започнала во 2007 година како помлад асистент на Правниот факултет при Универзитетот ФОН во Скопје.
Од 2010 година е ангажирана како асистент магистер од областа на правните науки на Факултетот за правни науки при Универзитетот ФОН.
Во 2017 година станала наставник од областа на правните дисциплини со звање доцент, а во 2023 година станала вонреден професор на Факултетот за правни науки, меѓународни односи и дипломатија при МИТ Универзитетот во Скопје.
Изведува настава на додипломски и постдипломски студии, особено во областите на граѓанското и семејното право, а е автор и коавтор на повеќе научни и стручни трудови кои се објавени во домашни и меѓународни научни списанија и зборници.
Била член на Комисијата за помилување при претседателката на Македонија.
Граѓански активизам
Покрај академската работа, таа е активно вклучена како член и учесник во работата на граѓански организации и здруженија, како и во други организации кои дејствуваат во областа на заштитата на правата на децата, човековите права и општествената одговорност.
Таа е член на Генералното собрание на СОС Детско село, ангажирана како правен експерт во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), како и претседател на Комисијата за жалби при ФФМ, функција која ја извршува во втор мандат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Која е Сузана Јошевска Анастасовска, која Силјановска Давкова ја предложи за член на Судскиот совет
Фото: МИТ Универзитет













