Бугарија не го бендисала Акцискиот план за малцинствата оти бил напишан на македонски јазик, вели Мицкоски

Бугарија го спори Акцискиот план за малцинствата, кој го изготви Македонија, оти тој бил напишан на македонски јазик, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека пред тоа да се случил ги предупредил партнерите на земјата во Европската унија (ЕУ) дека и најдобриот Акциски план за малцинствата да го направи земјата, истиот ќе биде одбиен од Бугарија.

– Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија нема против, бидејќи имаше јавна дебата. Е, проблем било што бил на македонски јазик. Простете, но мојот мајчин јазик е македонски, официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот, нема друг.

Ако некому тоа му пречи, јас тука не можам да помогнам и жалам што тоа е така, рече тој, посочувајќи дека при изработка на Планот било направено се што било сугерирано од преставниците на ЕУ, а во негово изготвување учествувал и врвен и признат експерт од Италија.

Планот како што било побарано од ЕУ, пред да биде пратен во Брисел, прво бил испратен во Бугарија.

-Така направивме, го дадовме ден однапред. Е, сега, им пречело што е на македонски јазик. Но, тој е официјален јазик според Уставот и јас или министерот не може да го кршиме Уставот. Ако тие мислат дека ќе го испратиме на друг јазик, ние немаме друг јазик согласно Уставот. Тоа е македонскиот јазик.

Тие уште еднаш покажуваат дека нема врска малцинството или Бугари во Устав. Имаат многу подлабоки корења нивните барања и подлабоки се проблемите и уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосема поинаква, рече Мицкоски, кој меѓу друго посочи и дека двете земји сега немаат никакви контакти, но дека Македонија стои на располагање било кога и било каде, во било која организација да оди да разговара и да ги претстави своите аргументи.

Тој рече и дека ќе бидат прифатени забелешките за Планот, но не и таа за македонскиот јазик.

Рече и дека Бугарија изминативе месеци одбила иницијативи за неколку средби, предложени од ЕУ, Франција и Германија.

Фото: бугарско МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести