Денеска е Бадник, ден пред Христовото Рождество. Наспроти традицијата на палење огнови, бадникова вечера со семејството, во целост ја пренесуваме пораката од Бигорското братство, за тоа всушност што е Бадник и како треба да се прослави:
„Во пресрет на претстојното светло Божикно празненство, со особена љубов и грижа, наоѓаме за полезно уште еднаш да се навратиме на длабокото духовно значење на денот Бадник, како благословено време на бдеење и внатрешна подготовка за тајната на Воплотувањето на Синот Божји, Господ наш Исус Христос.
Бадник не е обичен ден во низата празнични датуми, ниту пак само надворешен, фолклорен обичај што механички се повторува од година во година. Тој не ѝ припаѓа првенствено на фолклорот и етнографијата, туку на живото предание на Црквата Божја. Неговото вистинско значење не се исцрпува во формите и обичаите, туку се открива во длабочината на духовното искуство на православниот народ, кој низ вековите научил дека големите тајни Божји се дочекуваат со молитвена смерност, со пост и со внатрешна подготовка.
Бадник е свештен момент на исчекување со духовно веселие, со смирување на срцето, со собирање и трезвеност на помислите и со свесно стоење пред најголемата тајна на домостројот на спасението – Раѓањето во плот на Словото Божјо. Тој претставува духовен праг меѓу очекувањето и исполнувањето, меѓу ветувањето и неговото остварување. Затоа Црквата го поставила Бадник како време на конечна подготовка, за човекот, очистувајќи се од расеаноста и од надворешната врева, да може со будна душа и со трепетно срце да ја прими благата вест дека Бог слегува кај човекот, за човекот да се воздигне кон Бога.
Самото име Бадник произлегува од зборот бдеење – будна ноќ, ноќ во која не се спие, туку со молитва, псалмопение и тивка радост се очекува зората на спасението. Тоа е ноќ на внатрешно собирање, на очистување на умот и срцето, на духовна трезвеност, во која верниот човек учествува во благодатта на Рождеството.
Неопходно е да се знае и да се помни дека Бадник како ден сè уште му припаѓа на времето на постот и следствено, не е главниот празник, ниту повод за гоштавки. Тоа е последниот и најсветол праг пред Празникот. Затоа, духот на овој ден не е во раскошни јадења, мрсна трпеза, бучни прослави, концерти и игранки со световна музика. Таквите пројави не му прилегаат на денот на смиреното очекување на Христа, Кој се раѓа во пештера, во скромност и сиромаштво.
Бадник е ден на воздржание, на умереност и на достоинство. Ден кога се живее едноставно, кога трпезата е скромна, а срцето отворено за милосрдие кон оние што имаат потреба. Ден кога радоста е внатрешна, тивка и длабока, а не еуфорична и наметлива.
Во овој ден Црквата ја благословува убавата и древна традиција на божикните каланди. Со нив, најмладите, но исто така и возрасните, не прават забава во световна смисла, туку возвестување на радосната вест по улиците и домовите. Тие не пеат за да се разонодат, туку за да благовестат: дека Христос се раѓа, дека Спасителот доаѓа, дека ноќта е осветлена од Невечерната Светлина. Каландите се еден своевиден повик до секое срце да се разбуди, и повик до секој дом да се упати кон храмот, на богослужбеното славење на Рождеството Христово.
Зашто Божик не е настан што се „слави“ дома, туку свештено таинство што се живее во Црквата, во заедничката молитва во храмот, во светата Литургија, во причестувањето со Телото и Крвта Христови.
Затоа, Бадник да го празнуваме онака како што му прилега: со молитвена тихост, со бдеење, со славословие, со пост, со каланди исполнети со благовест, и со жед за храмот Божји. Само така Бадник ќе нè воведе во вистинската радост на Божик – радост што не поминува, бидејќи се раѓа од Христос, Кој се раѓа заради нас и заради нашето спасение.“
Извор и фото: bigorski.org.mk














