Од 23 до 27 јули 2025, Охрид повторно ќе стане живо гледалиште на новиот европски филм. Осмото издание на Beach Film Festival ќе се одржи на четири внимателно избрани локации главното отворено кино на плажата Славија, култната плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот центар во Охрид. Фестивалот годинава носи повеќе од 60 филма од современата европска кинематографија – внимателно селектирани, со свежи авторски гласови.
„Beach Film Festival не е само платформа за филмови, туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката,“ се вели во соопштението.
Отворањето на фестивалот е закажано за утре вечер, со проекција под отворено небо на плажата Славија – почеток на петдневна филмска авантура покрај езерото. Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за: најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм.
За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од: Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија).
Првпат оваа година, ќе додели своја награда и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески.
Сите продадени карти и доброволни донации, ќе бидат донирани на погодените семејства од пожарот во Кочани.

Фото/Beach Film Festival