Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски вели дека со воведувањето на системот „Сејф Сити“, сите кои несовесно ги носат животните во главниот град ќе бидат откриени и санкционирани.
„Прашањето за носење бездомни кучиња од други градови веќе е отворено и со надлежните институции. Ред мора да има – и заради безбедноста на граѓаните, но и заради заштитата на самите животни. Апелирам до скопјани да бидат наш партнер во оваа борба. Секоја појава да се пријавува бидејќи само со заедничка акција можеме да воведеме ред и да изградиме систем што функционира,“ вели Ѓоргиевски.
Тој информираше дека за ЈП „Лајка“ се обезбедени 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите и создавање современи, хумани услови за згрижување на бездомните кучиња.
„Многу брзо од денес започнуваме конкретна постапка за проширување на капацитетите на „Лајка“, со што ќе обезбедиме простор, грижа и достоинствен третман за бездомните кучиња.
Тие се живи суштества кои заслужуваат заштита, храна, ветеринарна грижа и шанса за подобар живот,“ додаде Ѓоргиевски.














