Бигорски манастир учествуваше на меѓународна конференција, за улогата на религијата во современа Европа

Бигорски манастир, преку својот претставник Архимандрит Кирил, учествуваше на меѓународната конференција Религиска дипломатија помеѓу Истокот и Западот: улогата на религијата во современите европски процеси, што се одржа од 9 до 12. јули на островот Сирос, Грција, на покана на еминентните организатори – фондацијата Конрад Аденауер (KAS) и Центарот Вилфрид Мартенс за европски студии

Конференцијата, како што информираат од Бигорски манастир, се одвивала во светлината на 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја – настан со огромно значење за севкупната христијанска историја и еклисиолошка свест, особено во контекст на модерните предизвици за христијанството во Европа.

Архимандритот Кирил имаше свое излагање во рамките на третата тематска сесија, насловена Ставот на Црквите кон современите социјални прашања, каде што говореше на тема со наслов: Еден православен одговор на дигиталното доба и современите социо-културни прашања, со посебен акцент на предизвиците кои ги носи брзиот развој на т.н. вештачка интелигенција (AI), односно дигиталните системи базирани на податоци, големите јазични модели (LLM), биоинженерингот, трансхуманизмот и новите форми на виртуелно постоење.

Пред учесниците на дискусијата тој го постави прашањето: „Како човекот може да остане личност во светот на алгоритмите и аватарите?“ и пренесувајќи ги размислите на својот старец, Епископот г. Партениј, истакна дека современите дигитални тенденции често тежнеат да го сведат човекот на „корисник“, „профил“ или „сет на податоци“, и на тој начин да ја разбијат неговата онтолошка целосност. Наспрема овие редукционистички модели, Црквата сведочи за човекот како икона Божја, создадена за заедница, за богопричастие и преобразување – не како проект на технологијата, туку како творба повикана кон обожение.

Во продолжение, тој стави посебен акцент на православната антропологија, заснована врз воплотувањето Христово, според која човечкото телото не е носител на информации, туку средиште на спасението. Оваа тајна е загрозена во епоха која го одделува телото од искуството и литургиското живеење од личната присутност.

„Без тело нема личност; без присутност нема Евхаристија; без Евхаристија – нема вистинска заедница“, подвлече тој.

Исто така, тој ја истакна неопходноста од еден обновен аскетизам – не во смисла на бегство од светот, туку како преобразување на секојдневниот живот: пост не само од храна, туку и од врева, од екраните, од дигиталната хиперстимулација.

„И во оваа нова епоха, Црквата има што да понуди – внатрешна тишина, молитва, лична присутност и автентичен однос,“ додаде атхимандрит Кирил.

Говорејќи и за прашањата на миграцијата, сиромаштијата, политичката поларизација и секуларизацијата, тој ја истакна потребата од враќање на светото и богодоличното во јавниот живот, преку литургиска култура, духовно образование и социјално милосрдие на Црквата.

„Технологијата, не е ни добра ни лоша по природа, но мора да остане слуга на човекот, а не негов идол,“ порача тој.

Кон крајот од излагањето тој упати повик за духовно расудување, како нов облик на аскеза во дигиталното доба – способност да се разликува корисното од деструктивното, да се зачува личноста и присуството, и да се брани тајната на човечкото достоинство.

Меѓународниот карактер на конференцијата беше дополнително засилен со присуството на бројни еминентни претставници од православниот и католичкиот свет, академската заедница и европските институции и фондации.

Фото: Бигорски манастир

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести