Вештачката интелигенција (ВИ) сè поинтензивно го менува начинот на кој се создаваат, дистрибуираат и конзумираат медиумските содржини, отворајќи сериозни прашања за иднината на новинарството, етиката и регулацијата.
Токму овие теми се во фокусот на деветтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, што годинава ќе се одржи од 22 до 24. декември во Котур и ќе биде посветено на односот меѓу вештачката интелигенција и медиумите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вештачката интелегенција во фокусот на деветтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје
Со претседателката на ПИНА, Бјанка Станковиќ разговараме за фестивалот и за „пресвртот“ низ кој минува новинарството, како и за потребата да се зборува за вештачката интелигенција, која веќе се користи во македонските редакции.
Деветтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје ја става вештачката интелигенција во фокус. Како се одлучивте оваа тема да го одбележи ова издание?
Последниве неколку години, темата со вештачката интелигенција зема замав во сите професии низ светот. Неизбежно беше да ја ставиме во фокус на фестивалот.
Всушност, темата сама се наметна како потреба јавно да се говори, дискутира и аргументира за нешто што е дел од нашата секојдневна работа. ВИ не е нешто ново, напротив, таа се користи, но најчесто ад-хок и по лична иницијатива на новинари или редакции.
Веќе голем дел од редакциите во Македонија ја користат на најразлични начини. Токму ова го покажа и нашата неформална анкета помеѓу колегите, каде 86,5% од 50 испитаници споделија дека користат алатки со вештачка интелигенција во новинарската работа и тоа најмногу ChatGPT, а потоа Gemini, Copilot, Grammarly, итн…
Тие најмногу ги користат алатките за превод и проверка на факти. Потоа за транскрипт на интервјуа, уредување, лекторирање, пишување, итн..
Најголем процент (38,5%) од колегите кои се изјасниле дека користат алатки со ВИ се испитаници на возрасната група од 35 до 44 години.
Ова е само уште една потврда дека е време да се зборува на темата вештачка интелигенција во новинарството, особено зошто таа со себе носи предности, но и сериозни предизвици.
2. Фестивалот го отворате со дискустијата „Новинарството пред пресврт“. Што за Вас конкретно значи тој пресврт?
Пресвртот го разбирам како промена на формата, алатките што се користат и динамиката на новинарската работа, но не и на нејзината суштина. Новинарството и порано минувало низ радикални промени, на пример, од печат кон дигитални медиуми, при што многу новинари ги загубија своите работни места во традиционалните редакции, но не ја изгубија професијата. Таа само доби нови канали, формати и начини на работа, а новинарите се прилагодија на нив.
Денешниот пресврт е сличен, но побрз и покомплексен, бидејќи технологијата, особено вештачката интелигенција, директно влегува и во процесите на создавање и дистрибуција на информации, што е голем предизвик. Токму целта на дискусијата е да ги слушнеме мислењата и ставовите на младите и повозрасните новинари и уредници во фелата за таму каде што новинарството денес се наоѓа, на пресвртница.
Во која насока ќе бидат останатите дискусии предвидени за фестивалот?
Останатите дискусии на фестивалот се насочени кон неколку клучни аспекти од односот меѓу новинарството и вештачката интелигенција. Втората дискусија е практично ориентирана и насочена кон редакциското секојдневие. Тука ќе ги слушнеме конкретните искуства на новинарките и новинарите. Како за нив е корисна алатка, каде носи ризици, како се прифаќа во редакциите и кои се реалните предизвици поврзани со знаењата, ресурсите и финансиските капацитети, особено во истражувачкото новинарство.
Третата дискусија, во организација на Реактор – истражување во акција „Колку локалните новинар(к)и се спремни за ВИ и имаат корист од неа?“, ја носи перспективата на локалните медиуми. Фокусот е ставен на тоа како ВИ влијае врз работата на локалните новинар(к)и кои често функционираат како „човек-портал“, дали и во која мера ВИ може да помогне во автоматизација на дел од процесите, како и со какви предизвици се соочуваат при разликување на автентична од ВИ-генерирана содржина. Воедно, дискусијата отвора и прашања за заштита од дигитално, вклучително и родово-базирано насилство, и за тоа како новите технологии ги менуваат нивните секојдневни новинарски практики.
И на крајот, фестивалот го затвораме со последната дискусија која се фокусира на регулацијата, етиката и медиумската писменост. Целта е да ги отвориме прашањата за законските и етичките рамки за користење на ВИ во македонскиот медиумски контекст, нивната усогласеност со европските и меѓународните практики, како и влијанието врз авторските права, заштитата на личните податоци, транспарентноста и довербата на јавноста, особено во услови на дезинформации и deepfake содржини.
Фестивалот комбинира дискусии, работилници и филмска програма. Какви филмови ќе може да погледне публиката во овие три фестивалски денови?
Филмската програма ја отвора провокативниот „Ви благодарам што ми дозволивте да зборувам со вас денес“ каде со помош на ChatGPT и дипфејк на Илон Маск им се пркоси на цензурата и авторитарноста. Новата ера во седмата уметност е најавена со „За еден херој“, по сценарио напишано од вештачка интелигенција, тренирана врз целокупниот авторски опус на Вернер Херцог.
На вториот фестивалски ден „Крајот на тишината“ нѐ води до најголемиот радиотелескоп на планетата, место закотвено во преддигитална тишина, додека „Насмевки и бакнежи за тебе“ ја покажува тишината на осаменоста, која (не) може да биде излечена од „кукла за љубов“ со вештачка интелигенција.
Во среда се прикажува моќниот „Хакирање на омразата“, прогласен за најдобар документарен филм на Филмскиот фестивал Трибека, за неверојатно темелното и ризично истражување на една шведска новинарка во мрачниот свет на „белата надмоќ“. За фестивалскиот крај е закажана проекцијата на „Крајот на Интернетот“, за дисидентите со мисија да ја демонтираат и децентрализираат глобалната мрежа.
Секоја година, во склоп на фестивалот организирате и работилници. За кого се наменети и какви теми ќе се обработуваат?
За нас, како организација, многу е важно фестивалот да не остане само на ниво на дебата, туку да понуди практички алатки и знаења и тоа се трудиме да го задржиме како златно правило на фестивалот. Оваа година, имаме три работилници. Едната е со онлајн присуство на англиски јазик со Ана Паула Валако.
Валако е менаџерка на програмата и раководителка за вклученост во JournalismAI, иницијатива на Полис – новинарскиот тинк-тенк при Лондонската школа за економија (LSE). Целта на оваа работилница е преку примери од реални редакции, учесниците да ги разгледаат етичките ризици и да научат како да ги ублажат преку цврсти рамки за управување. Сесијата претставува практичен прирачник за воведување на ВИ.
Втората работилница е со новинарката Маја Блажевска Евросимоска на тема етичко новинарство и известување во време на ВИ и зошто почитувањето на етичките принципи станува предизвик за новинарите и редакциите.
И третата работилница е со новинарката Марта Стевковска, која ќе одржи интерактивна тренинг-сесија посветена на препознавање, мапирање и справување со дигиталните закани што ги засегаат новинарките и новинарите.
Работилниците се бесплатни и наменети за студенти по новинарство и комуникации, млади новинар(к)и, уредници/чки, проверувачи на факти, како и сите медиумски професионалци кои сакаат да ги надоградат своите вештини и знаења.
Во Европа и светот, ВИ алгоритмите ги заменуваат деск редакции што укажува на тоа дека во иднина можеби и ќе нема потреба од деск редакции. Кој е вашиот став? Дали е загрозено новинарството?
Не би рекла дека новинарството е загрозено, туку дека повторно се трансформира.
Вештачката интелигенција е меч со две острици: со неа можат да се создаваат дезинформации, но истовремено таа нуди алатки за нивно побрзо откривање и проверка.
Фактот што алгоритмите преземаат дел од задачите на деск редакциите не значи дека човечката улога исчезнува. Напротив, улогата на новинарите, уредниците и проверувачите на факти станува уште поважна.
Новинарството мора да ја зачува својата општествена функција како „чувар на демократијата“, особено во време кога содржините сè почесто ги генерираат машини. Тоа ќе биде можно само ако професијата остане отворена кон новите технологии, развива стратегии за одговорна употреба на ВИ и ќе ја задржи етиката и човечката одговорност во фокусот, бидејќи тие не можат да се „автоматизираат“.
Кога би можеле да испратите една порака до младите новинари што влегуваат во професијата во ера на ВИ, која би била таа?
Останете отворени за сѐ она што се случува околу вас, локално, но и глобално. Работите се менуваат вртоглаво и мора да се биде во тек со нив, особено во контекст на она што е јавниот интерес.
Надоградувајте ги своите вештини, секогаш препроверувајте нешто пред да објавите и не заборавајте дека ништо не може да го замени човековото искуство за откривање, раскажување и пренесување приказна.














