Од Фондот за здравствено осигурување ќе предложат измени на Законот за здравствена заштита, со цел да се подобри системот на контрола при издавањето на боледувањата, за истите да се даваат на оние пациенти на кои тоа навистина им е потребно.
„Во основа имаме околу 17.000 боледувања заради болест и околу 10.000 породилни боледувања. Зголемениот број на барања на контроли произлегува од тоа што во институции од јавниот сектор има значаен број вработени кои се на боледување.
Во здравството имаме клиники каде 20 проценти од вработените се на боледување, а посебен проблем имаме со боледувањата во полиција, царина и одбрана и во основа веќе физички не можеме да одговориме на сите барања за боледувања, така што размислуваме како да предложиме измени за да се подобри системот на контрола на боледувањата“, изјави денеска директорот на Фондот, Сашо Клековски.
Тој вели дека често се случува при зголемен обем на работа, персоналот да земе боледување за да ги избегне работните задачи.
„Кога тие ќе земат боледување, се поттикнуваат и другите вработени да бараат начин да го избегнат зголемениот обем на работа. Кај матичните лекари има јасно пропишани стандарди како може да се даваат боледувања, но ако ги погледнете дијагнозите дека покрај акутните респираторни заболувања, скоро 50 проценти од боледувањата во Фондот се за болести на рбетниот столб, а кој било вработен над 50 години ако му го снимите рбетот ќе излезе дека има спондилоза или лумбаго, тогаш станува субјективно дали треба да се оди или не на работа,“ рече Клековски.
Дополнителна мотивација за земањето боледувања, според Клековски, се и колективните договори во кои е предвидено 90 до 100 процентна исплата на плата во време на боледување, што во однос на приходите значи дека на вработените им е сеедно дали се на работа или не.
Друг фактор се и ниските плати во некои институции во јавниот сектор поради што луѓето земаат боледувања за да може да работат и дополнителна работа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бројот на здравствени осигуреници е поголем од бројот на жители