Претседателот на Бугарија, Румен Радев од Тирана, Албанија, каде е еден од учесниците на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка со Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) на заедничка прес-конференција со неговата македонска колешка Гордана Сиљановска Давкова и албанскиот претседател Бајрам Бегај вчера рече дека Бугарија никогаш не и ставила вето на Македонија на нејзиниот европски пат.
„Не станува збор за вето или успорување на процесот од соседна земја. Зборуваме за внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото.
Сакам да ве уверам дека Бугарија, како најблиска, како пријателска земја, има голема желба и е подготвена да подаде рака да помогне, за да може вашето државно раководство и општество многу побрзо да се справи со предизвиците и да ги спроведе Копенхашките критериуми за членство.
Сето тоа е насочено кон иста цел, сите земји да се приклучат и да станат членки“, кажа тој, посочувајќи дека патот на Македонија кон Европската унија ќе се отвори откако ќе го спроведе Договор за добрососедство, пријателство и соработка, двата протоколи и преговарачката рамка од 2022 година, за која има европски консензус.
Потенцираше и дека Бугарија никогаш не поставила и немала да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи, нагласувајќи дека земјата сака да види запазување на човековите права.
„Станува збор за човекови права, чекаме трета година да се отвори процесот на присоединување и да почнат преговори со Северна Македонија и со промени во Уставот. Моето прашање е зошто тоа не се случува“, рече тој.
Сиљановска Давкова пак претходно порача дека сериозна пречка е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам, како и дека овие постапки не само што го забавуваат процесот на евроинтеграцијата, туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа.
„Кандидатите за членство, наместо солидарност и фер процес, сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања. Така, наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на Европската Унија и ова мора да се смени и тоа за доброто на сите“, кажа таа меѓудругото.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бугарски европратеник со амандман го дефинира македонскиот идентитет и јазик како сегашен
Што бараат бугарските и грчките европратеници да биде вметнато во извештајот на ЕП за Македонија
Фото: Радев/Фејсбук