Според најнови денешни информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК), обилните дождови продолжуваат да прават проблеми низ цела Македонија.
Во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел.
Кочанска река има локално излевање кај селото Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација.
Зрновска река се излеа пред вливот во реката Брегалница.
Оризарска река се излеа кај селото Грдовци, каде состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на реката. Водостопанство „Брегалница“ интервенирала со тешка механизација, а Министерството за внатрешни работи (МВР) го забранило сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото.
Злетовска река и река Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање.
Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, додека во средните и долните текови состојбата останува критична.
На патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри.
Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица на патниот правец помеѓу селата Неокази и Петришино, сообраќајот е отежнат.
Населбата Далјан во Охрид е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории.
Проблеми се евидентирани и на Коселска река кај селото Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон селото Вапила.
Во Кичево, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата сè уште е критична. Околу 120 лица од улицата „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Битолско, градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин, каде има наноси од земја и чакал.
Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти.
Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси кои се расчистуваат.
Во Ресен, како последица на врнежите, поплавени се земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села. Ангажирани се екипи со пумпи и механизација, а водостоите постепено се намалуваат.
Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реката Црна и на реката Обедничица, со поплавени дворови, земјоделски површини и локални патишта. Дел од патната инфраструктура е оштетена, а општинските штабови се во постојана координација и интервенираат на критичните точки.
Во тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон селото Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментално се непроодни. Општината интервенира со механизација.
Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид, при што е предизвикана материјална штета.
Во Општина Желино е пријавено е излевање на реката Вардар во селото Стримница.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Црвен крст собира помош за настраданото население во Кичево
Евакуирани граѓани во Кичево поради поплави, слична состојбата и во Охрид
Фото: ДЗС













