Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираа дека од 1. септември, во Македонија ќе почне да применува поедноставен и поевтин систем за одобрување на возила, со што македонската регулатива се усогласува со европските стандарди.
Новините се однесуваат на одобрување на тип на возило, единечно одобрување на возило, идентификација и оцена на техничката состојба и издавање на потврди за исполнетост на техничките барања за возилата.
Според Министерството, досега за непотребни TÜV потврди годишно се трошеле дури 1,3 милиони евра, од кои голем дел завршувале кај странски компании. Со новите правила, овој процес ќе се регулира преку овластените домашни застапници.
Возилата кои веќе имаат одобрение на тип во Европската унија или во земјава, повеќе нема да минуваат низ посебна постапка за единечно одобрување. Ова значи дека директно ќе се испраќаат на идентификација и оцена на техничката состојба.
Според Министерството, Бирото за метрологија двојно ќе ги скрати роковите за одобрување на тип, со цел да се забрза целата постапка, а цените на услугите ќе се регулираат со нов правилник.
Од таму велат дека потврдите за исполнетост на техничките карактеристики кај застапниците ќе чинат од 40 до 50 евра.