(Видео) Дојран – приказна што не се раскажува туку едноставно се доживува

Во животот посетуваме многу места. Големи, мали, урбани џунгли или вкотвени покрај некоја природна убавина. Некои нѝ се допаѓаат повеќе, некои помалку, но само мал дел ги носиме со себе засекогаш. Тоа се оние места кои имаат душа, распространета на секој агол, во секоја уличка, па дури и во нивните жители. Тоа се места кои мора да се доживеат, за нив никој не може да ви раскаже. Таков е Дојран – град со душа, со тишина што гласно зборува, со бесценет раат и со луѓе кои топлината ја пренесуваат преку поглед, чинија храна и искрен збор.

Новото видео Дојран… тишина што гласно зборува ве пренесува директно таму, во Дојран, со сите сетила. Тоа не е класичен туристички водич туку интимна аудиовизуелна приказна, која го прикажува Дојран со емоција, од агол кој ретко го гледаме – човечки, мирен, длабок. Видеото ја спојува поезијата на нарацијата со моќта на сликата – изгрејсонца над езерото, мирис на риба на трска, дојрански трпези, природни текстури и автентични моменти од вредностите што често забораваме да ги забележиме.

Нарацијата води како низ поема: „Во себе крие вековна мудрост, сочувана во шепотот на брановите…“ се слуша додека камерата патува низ езерската површина, старите чамци, зеленилото, небото на Дојран.

Видеото го изработи креативната агенција Ефектива, во соработка со Општина Дојран и јавното претпријатие Тауријан. Режијата е на Радован Петровиќ, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, додека за камерата беше задолжен Виктор Јончевски.   

Дојран денес: Мост меѓу историјата, природата и новите туристички трендови

Во последните неколку години, Дојран постепено и тивко се менува, и тоа во насока што го збогатува неговиот културен и туристички идентитет.

Историските обележја како Саат кулата и Турската бања, кои со децении беа заборавени, денес се повторно достапни и раскажуваат приказни од едно друго време. Со обновени пристапи и автентична архитектура, тие се жив доказ дека културното наследство може да добие нов живот.

Во срцето на градот, над 25.000 метри квадратни зелени површини добија нов лик – места каде што семејства, деца и патници можат да одморат, да читаат книга, или едноставно да го впиваат мирот од езерото. Ако сте со авантуристички и спортски дух, ќе уживате во возењето велосипед по патеката низ Стар Дојран или во утринско трчање покрај езеро.

Дојран е домаќин и на еден од најпрепознатливите летни музички фестивали. Д-Фест Дојран ќе се одржи и годинава, во периодот од 25 – 27. јули, нудејќи забава и автентично фестивалско доживување во ритамот на езерските бранови.

Особено е значајно и што се вложува во заштита на езерото, преку модернизација на комуналната инфраструктура, бидејќи Дојранското езеро не е само природно богатство, тоа е заштитен знак и симбол на целиот крај.

Дојранчани со гордост ги раскажуваат своите приказни. Затоа, дојдете да бидете дел од нивниот навидум обичен ден. Препуштете им се на радоста на малите нешта, на природата, на спокојот, на вкусната храна, на езерската тишина што гласно зборува. Тие некаде чинат многу, но во Дојран ви се на дофат.

Иницијатива за промоција на малите туристички орнаменти на Македонија

Ова видео е дел од поширока иницијатива за промоција на малите, но значајни места во Македонија, кои имаат потенцијал за развој на туризмот. Наместо клише-приказни и филтрирана реалност, иницијативата има за цел да создаде емотивни и искрени видеа кои ја истакнуваат вредноста на културата, гастрономијата, природата и духот на локалните заедници.

Во Македонија има места кои кријат приказни вредни за раскажување, а во исто време се и вистинска инспирација за видео разгледници кои прикажуваат една суптилна и ненаметлива перспектива.

Дојран е симбол на токму таквата автентичност. Место каде што ништо не е наметливо, но сè е значајно – од традиционалната татлија, до рецептите кои се пренесуваат од баба на внука, од утринските прошетки покрај езерото до рибарските приказни споделени со кафе и домашна алва.

Го покануваме целиот јавен простор – медиуми, креатори, институции и сите љубители на македонската автентичност да го споделат ова видео и да помогнат во ширење на пораката дека убавината е во тишината, во топлината, во вистинските нешта.

ПР-Објава

Фото: Општина Дојран

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести