ДЗР: ЈП Национални шуми со ниска реализација на планот за производство, зголемени долгови и намалена ликвидност

Јавното претпријатие (ЈП) за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ п.о. – Скопје во 2023 година реализирало само 66% од планираниот физички обем на производство на техничко и огревно дрво, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР).

„Со акумулирани обврски во износ од 1.074.644 илјади денари, односно приближно 17,5 милиони евра и постојана зависност од револвинг краткорочниот кредит за исплата на плати, претпријатието се соочува со сериозни финансиски потешкотии, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики,“ се вели во извештајот.

Биолошките средства не се вреднувани по нивната објективна вредност, односно не се намалени или обезвреднети за површините кои се наоѓаат во границите на Националниот парк Шар Планина и се уредени со посебни шумско стопански планови, како и површините кои биле зафатени од шумски пожари во кои целосно е уништен шумскиот фонд, стои во извештајот.

Ревизијата утврдила неправилности и во однос на исполнување на одредбите од договорите за работа, каде од вкупно 355 вработени на неопределено време, 73% или 259 вработени кои се примени на работни места сечачи, дотурачи, редачи и шумски работници, не ги извршуваат работните задачи утврдени согласно договорите, туку извршувале административни работи и работни задачи во дирекцијата или подружниците.

„Значителното отстапување на реализација на планот за производство на техничко и огревно дрво, како и на финансискиот план на приходите од продажба на техничко и огревно дрво се поврзани со недоволна и застарена механизација, ограничен број стручен и технички персонал, ограничена отвореност на шумските комплекси, како и оддалеченост на терените.

Дополнително, претпријатието со сопствени ресурси извршува само 42,45% од фазата на сеча, 34,04% од дотурот и 32,13% од фазата на превоз , што значи дека над 50% од производниот процес е зависен од ангажирање на надворешни извршители.

Ревизијата извести и за недоволна заштита на шумите (преземање на активности соодветни за превенција и управување со ризиците од појава на пожари во шумите) и системски слабости во справување со ризиците од болести, пожари и бесправна сеча, делумна реализација и ограничена ефикасност во користењето на средствата од Програмата за проширена репродукција на шумите за 2023 година,“ се додава во извештајот.

Фото: еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести