(Фото) ЕМОФ Скопје 2025 започна со светски и европски рекорд

По синоќешното спектакуларно отворање, денес започнаа спортските возбудувања на Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025. Младите олимписки надежи од цела Европа ги имаа своите први настапи на спортските борилишта ширум главниот град и во Куманово, испраќајќи силна порака за единство, спортски дух и иднина полна со потенцијал.

Во фокусот на првиот натпреварувачки ден беа финалните дисциплини во атлетика, каде што се случи историски момент: беше соборен светски рекорд во скок со стап за девојки до 17 години. Естонката Алика Инкери Мозер со прескокнати 4,52 метри постави нов светски рекорд, надминувајќи го претходниот од 4,51 метар.

Сребрениот медал ѝ припадна на Моана Пејрард од Франција, која скокна 4,05 метри, а бронзата ја освои Анастасија Бумпулиди од Грција со скок од 3,95 метри.

Медалите на првата официјална церемонија на ЕМОФ Скопје 2025 ги врачи г. Спирос Капралос, претседател на Европските олимписки комитети, додека г. Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, на секоја од медалистките ѝ подари маскота – симбол на фестивалот и вредностите што го обединуваат.

Првиот ден го одбележа и Турчинката Елиф Берфин, која со 421,2 остварени круга  постави европскиот рекорд во стрелаштво, гаѓање со воздушен пиштол на 10 метри. Анастасија Живковиќ од Србија го освои второто место, додека третото место го обезбеди Миа Грош од Австрија.

Одличен старт за македонските пливачи: Државен рекорд и лични најдобри времиња

Првиот натпреварувачки ден донесе и одлични индивидуални настапи за македонските пливачи, со нови државни и лични рекорди во повеќе дисциплини.

Дамјан Станковски постави државен рекорд до 14 години на 200 м градно со време 2.35:41 мин, соборувајќи го досегашниот резултат  2.37.90. 

Лични рекорди на возраст до 15 години поставија Даниел Милошевски на 400 метри слободно (4:25:11 мин), Никола Велковски на 400 м градно (4:21:50 мин) и Михаил Алексовски на 200 м градно (2:38,01 мин), како и Милан Јанковски на 100 м грбно на возраст до 14 години.

Единствена нашата натпреварувачка која избори пласман во полуфиналето е Неда Миленковска на 200 метри пеперутка.

Волонтерите – срцето на ЕМОФ Скопје 2025

Над 700 волонтери се вклучени во реализацијата на Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025, внесувајќи младешка енергија, ентузијазам и позитивен дух на секој чекор. Тие се тука да пречекаат, насочат, помогнат и охрабрат – и за учесниците, и за публиката, и за сите гости на фестивалот.

Волонтерите доаѓаат од различни делови на земјата и Европа, обединети од заедничката желба да бидат дел од едно големо спортско доживување. Нивната улога не е само логистичка – тие се амбасадори на пријателството, на соработката, на вредностите на oлимпискиот дух и, пред сè, на иднината што ја гради оваа млада генерација. Токму нивната посветеност и искрена насмевка го прават фестивалот топло, безбедно и инспиративно место за сите млади спортисти што го сонуваат својот олимписки пат.

Што не очекува денес на ЕМОФ Скопје 2025?

Вторник (22 јули) носи уште еден динамичен натпреварувачки ден на ЕМОФ Скопје 2025. Младите спортисти продолжуваат со настапи во вкупно 12 спортови на повеќе локации во Скопје и Куманово.

Ќе продолжат атлетските возбудувања во неколку дисциплини, а љубителите на пливањето ќе можат да следат нова серија утрински квалификации, како и полуфинални трки во повеќе дисциплини, меѓу кои и 100 м слободно, 200 м пеперутка и штафети.

Од екипите спортови за издвојување се кошарка, одбојка, ракомет и баскет 3х3, каде се играат клучни мечеви во групната фаза, а на програмата се и натпревари во џудо, пинг-понг, гимнастика, бадмингтон, велосипедизам и стрелаштво.

Детален распоред по спорт и временска рамка можете да најдете на следниот линк: skopje2025.sporteurope.org/schedule-and-results

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести