Денеска во Владата беше потпишана Спогодба за отворање на претставништво на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Скопје.
Истата ја потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и потпретседателот на ЕИБ, Роберт Де Грот.
-Ова е силна потврда на довербата која оваа организација и Европската унија ја имаат во нашата држава и во нејзиниот економски потенцијал.
Од нашата независност до денес, ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата – инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги, истакна меѓудругото Муцунски, посочувајќи дека отворањето на ова претставништво ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и уште поголем пристап до техничка и финансиска поддршка кои овие европски институции ги нудат.
-Ова формално препознавање на статусот на ЕИБ во Северна Македонија ќе ни овозможи да ја продлабочиме врската, но и нашето портфолио да порасне во согласност со приоритетите на Владата.
Како дел од тим Европа и од новиот план за раст на Европската комисија, подготвени сме да ги поддржиме нашите македонски партнери при испорачувањето на проекти коишто ќе имаат силно влијание и ќе промовираат одржлив развој, поврзување, зелена транзиција, како и подобрени здравствени и образовни услуги во полза на граѓаните.
Уверен сум дека заедно може да изградиме посилна поцврста иднина за Северна Македонија и да помогнеме на вашиот пат кон пристапување кон ЕУ, рече меѓудругото Де Грот.
Фото: МНР














