Енволед инвестмент Л.Л.Ц. (ENVOLED INVESTMENT L.L.C) со седиште во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати има намера да стекне самостојна контрола директно над Битар холдингс лимитед (BITAR HOLDINGS LIMITED), од Лимассол, Кипар по пат на купопродажба на акции, соопштија од Комисијата за заштита од конкренција.
Примарна дејност на Енволед инвестмент е инвестирање во трговски друштва и управување и во Македонија нема поврзани друштва ниту подружници.
И на Битар холдингс лимитед примарна дејност и е инвестирање во трговски друштва и управување, а во Македонија има седум регистрирани зависни друштва: Друштво за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД-Скопје, Друштво за производство, промет и услуги ТЕ-ТО ГАС Трејд ДООЕЛ Скопје, Друштво за инвестиции, производство, трговија и советодавни услуги Балкан енерџи Груп АД Скопје, Друштво за дистрибуција на топлинска енергија Дистрибуција на Топлана Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за снабдување со топлинска енергија Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за производство на топлинска енергија Производство на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје, и Друштвото за обезбедување Балкан енерџи секјурити ДООЕЛ Скопје – во ликвидација.
-За целите на оценка на концентрацијата подносителот на известувањето предлага како релевантниот пазар на производи да се дефинира пазар за електрична енергија и пазар за топлинска енергија, а како релевантен географски пазар Република Северна Мaкедонија.
Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата.
Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана. Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата, велат од таму.
Фото: Унсплеш












