Фестивалот на европската литература BookStar ќе започне на 29 септември во Културно информативниот центар во Скопје, со почеток во 19:30 часот.
Годинава се одбележуваат 11 години постоење, а годинешното издание кое ќе трае до 2 октомври, ќе биде под слоганот „За писателцките работи“.
„Со слоганот „За писателцките работи“, сакавме да отвориме токму едно такво поле за разговор – за невидливите, занемарените, но пресудно важни прашања. BookStar секогаш бил место каде што домашната книжевност е во дијалог со европската и светската, но овојпат посебно инсистираме на тоа дека домашната сцена заслужува рамноправен третман, заслужува внимателно слушање и институционална поддршка. Ако не зборуваме за овие проблеми, ако не ги ставиме на маса, тогаш ризикуваме да создадеме генерации писатели кои пишуваат во изолација, а изолацијата не води кон развој,“ вели во интервју за Кајгана основачот и уметнички директор на фестивало, Жарко Кујунџиски.
Тој додаде дека дестивалот, со својата платформа, се обидува да го поттикне овој дијалог – да ја охрабри јавноста да ги слушне авторите, да им даде видливост и глас, да отвори теми кои досега биле потиснати.
„На крајот на денот, „писателцките работи“ не се само нивна приватна работа – тие се и работа на сите нас, затоа што книжевноста е колективен огледало на едно општество. И токму затоа мораме да ги разбереме и признаеме предизвиците со кои се соочуваат домашните автори ако сакаме да имаме здрава, витална и меѓународно релевантна книжевна сцена,“ додава Кујунџиски.
Целата програма на фестивалот на линкот ОВДЕ.