Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.
Комплетната програма и сите фестивалски активности за 17-тото издание на „МакеДокс“ беа објавени на прес-конференција, што се одржа денеска во Едукативен културен центар „Лабораториум“, на која се обратија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“, и Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“. Фестивалот ќе се одржи со мото „Само сонот е стварност“, а се очекуваат над 100 гости од странство.
– Горди сме што низ годините „МакеДокс“ израсна во фестивал на кој не се доаѓа само за да се гледаат филмови, туку и за да се остане по филмот – да се разговара, да се запознаат авторите, да се разменат идеи и неколку дена вистински да се живее документарниот филм. Годинава имаме и една од најопширните дополнителни програми досега, надвор од самите филмски проекции – со мастеркласови, разговори, панели, работилници, програма под смоквата и индустрискиот сегмент МакеКоПроДокс. Токму тоа сакаме да биде „МакеДокс“ – место на средба. Меѓу филмот и публиката, меѓу домашната и меѓународната документарна сцена, но пред сè, меѓу луѓето – оние сонувачи кои сè уште веруваат дека сонот може да стане стварност – рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Фестивалското мото „Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од нашите најзначајни македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева.
– Оваа година за нас не претставува само уште едно издание на фестивал. Тука сме да се потсетиме зошто воопшто ни е потребен филмот, зошто ни е потребен сонот. Затоа „Само сонот е стварност“ – за нас не е само мото. Тоа е нешто што тивко го носиме во себе, нешто што нè оттурнува напред кога стварноста станува претесна, кога зборовите не се доволни, кога ни треба нешто повеќе – слика, звук, тишина… чувство. А филмот отсекогаш бил токму тоа. Еден сон што некој се осмелил да го сподели. Една вистина што некој ја почувствувал доволно силно за да ја зачува.
И можеби токму затоа документарниот филм е толку близок – затоа што е направен од луѓе што длабоко чувствуваат и љубат. Ова издание е и тивка посвета. На една љубов кон филмот што не згаснува. На една мисла што продолжува да живее. На Илинденка Петрушева – нашата Бабе – која со својата заразна енергија изнедри генарации на посветени филмаџии и филмољупци и нè научи дека киното не е само простор, туку состојба на духот. Дека филмот не е само гледање, туку паметење, грижа и упорност. Затоа ве поканувам – оваа година не само да гледате филмови, туку и да им се препуштите. Да дозволите да ве поместат, да ве вознемират, да ве утешат. И да понесете нешто со себе… Можеби некое прашање. Можеби некое чувство. Можеби еден нов сон – рече Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“.
Фестивалот ќе биде отворен на 20 август во Куршумли ан со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Во целокупната програма на фестивалот се предвидени проекции на 71 филм, а ќе се одржат и македонските премиери на новите филмови на Милчо Манчевски и Елена Чемерска.
Програмата на фестивалот ќе се одвива во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Шпанија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади. На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.
Земја во фокус годинава е Шпанија со избор од најавтентичните и највозбудливите остварувања на тамошната современа документарна сцена. Програмата се одликува со силен авторски печат, визуелна смелост и тематска разновидност, а ќе вклучи и избор на кратки документарни филмови од Канарските Острови и експериментални краткометражни дела од Перу.
Во програмата на фестивалот се предвидени Мастерклас со наслов „Сè што ги обликува документарците“ со Мигел Еек и Ксавиер Марадес; Мастерклас со Алесандро Стелино со наслов „Збогум филмски критичари, здраво навивачи“ за исчезнувањето на една професија што никогаш не постоела; како и панел-дискусија за киното и за филмската критика со наслов „Филмска критика во ера на алгоритми?“ на која ќе учествуваат Марина Костова (Северна Македонија) – филмска критичарка, потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, Марина Д. Рихтер (Австрија) – филмска критичарка, новинарка и фестивалска селекторка, Алфонсо Ривера (Шпанија) – филмски критичар, новинар и член на ФИПРЕСЦИ Шпанија, Муртада Елфадл (САД) – филмски критичар, новинар и селектор, додека мoдератор на панелот ќе биде Кристин Камдесу (Франција) – управна и уметничка директорка на ФИПАДОК. Овие настани ќе се одржат во „Лабораториум“.
Од 22 до 25 август ќе се одржи интензивна работилница за монтажа, под менторство на реномираните монтажери Касија Боњецка (Kasia Boniecka) и Пер К. Киркегард (Per K. Kirkegaard), каде фокусот ќе биде ставен на почетокот на филмот и ќе се истражува како почетната секвенца може да влијае врз неговата структура како драматуршка целина.
Форумот МакеКоПроДоксMake е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативните документарни филмови на Балканот. Основан во 2019 година, како дел од 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во значајно место за средба на режисери, продуценти, филмски професионалци и претставници на филмските центри од целиот регион.
– Од 25 до 27 август ќе се одржи осмото издание на МакеКоПроДокс форумот, кое ќе ги обедини директорите на националните филмски центри од Балканот, меѓународни филмски професионалци и тимовите на осум избрани документарни проекти во развој, кои во изминатиот месец беа дел од работилницата за развој на проекти под менторство на тројца интернационални ментори од индустријата, Виктор Ед (Victor Ede), Зејнеп Ѓузел (Zeynep Güzel) и Бриџид О’Ши (Brigid O’Shea).
Во духот на годинашното фестивалско мото, форумот ќе се осврне на тоа како документарните соништа можат да се развијат и да стигнат до својата конечна форма, а завршените филмови до својата публика. За време на форумот ќе се одржат пичинг на проекти, средби на продуценти, доделување награди, јавна панел-дискусија со директорите на регионалните филмски центри, како и панел за француско-балканските копродукции и дистрибуцијата на балканските документарни филмови. МакеКоПроДокс форумот продолжува да се развива како важна регионална точка за размена на знаења, создавање партнерства и отворање нови можности за соработка, финансирање и меѓународна видливост на регионалниот документарен филм – истакна Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
Во соработка со Словенечкиот филмски центар ќе биде презентиран избор од современата документарна сцена во Словенија, а ќе биде претставен и проектот „Документарница“.
Во попладневните часови ќе се одржат „Муабети под смоквата“ во Куршумли ан, додека во вечерните часови по филмските проекции ќе следува концертната програма „Ноќни приказни“.
Загревањето за 17-тиот „МакеДокс“ почнува со настан во „Котур“, што ќе се одржи на 14 август (петок), од 20 часот, а за добро расположение ќе се погрижи Марко Кочишки (M.I.K).
Комплетната програма може да се најде на фестивалскиот сајт: https://makedox.mk/mk/
eМагазин е еден од долгогодишните медиумски покровители на фестивалот.



















