Филипче: СДСМ имаше разочарувања и турбуленции, вратите се отворени за секој кој ѝ мисли добро на државата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешниот 31. Конгрес на СДСМ испрати порака дека на Македонија ѝ треба визија, програма и засолниште од како што изјави „лудилото на оваа власт.“

„Денеска јасно кажав дека власта ги штити профитерите, а не граѓаните. Задолжувањето што го прави ВМРО-ДПМНЕ не е грешка, туку финансиско злосторство врз иднината на нашите деца. Денеска државата доживува осмислен и не вооружен грабеж во форма на финансиско злосторство, пари кои се прелеваат во џебовите на олигархијата додека граѓаните ќе ја плаќаат сметката преку инфлацијата која им го јаде лебот.

И порачав дека за да го победиме ова зло надвор мора да бидеме челични внатре. СДСМ имаше турбуленции, имаше разочарување и затоа денеска бев кристално јасен дека вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој и мисли добро на државата,“ вели Филипче.

Тој додаде дека платформата и програмата на партијата е договор со секој граѓанин.

„За младите држава како дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила. За пензионерите крај на милостината пред избори и раст на пензиите според инфлацијата. За работниците СДСМ ќе биде штит од самоволието на газдите што оваа власт ги штити.

Предупредив и на сериозните безбедносни ризици. Не смееме да дозволиме Македонија да стане тампон-зона и логор за туѓи проблеми, додека нашите деца заминуваат од државата. Македонија денес е во дипломатска изолација,“ порача Филипче од Конгресот.

Фото/СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести