Финансиската стабилност е задржана, а финансискиот систем и натаму покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците.
Овие оцени биле дадени на седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана во Народната банка, на која присуствувале Трајко Славески, гувернерот на Народната банка, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерката за финансии, Бујаре Абази, претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Ремзи Бајрами, претседателот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Ели Дракуловска, претседателката на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, информираат од Народната банка.
-Макроекономскиот амбиент е поповолен, но и натаму е неизвесен. Трговската неизвесност, геополитичките тензии, нарушувањата во синџирите на снабдување и непредвидливоста во политиките создаваат зголемени ризици за светската економија, а посредно и за домашната економија. Како мала и отворена економија, земјава е чувствителна на надворешни шокови.
Сепак, ефектите од овие ризици засега се оценуваат како ограничени, а отпорноста на финансискиот систем на шокови е значително зајакната, велат од таму.
Во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор ја задржал стабилноста и непречено го извршувал финансиското посредување. Банките работеле во постабилен амбиент, но и натаму имало неизвесност поврзана со трговските бариери и светските политики, посочуваат од таму.
Во овој период била забележана поголема кредитна и депозитна активност, проследено со натамошно намалување на евроизираноста на билансите на банките.
-Банкарскиот сектор располага со солидна солвентност, којашто достигнува највисоки нивоа од 2006 година, како и со задоволителна ликвидност. Квалитетот на кредитното портфолио и натаму е солиден, при што нефункционалните кредити се намалени на историски најниските 2,3%, а не се очекува влошување на портфолиото од реструктурирани и пролонгирани кредити, коишто се мали по обем и уште се намалуваат.
Профитабилноста на банките сѐ уште е добра и претставува значаен извор за натамошно зголемување на нивниот капитал, иако е благо пониска во однос на претходниот период. Макропрудентните мерки на Народната банка и натаму имаат значителен придонес за јакнењето на солвентноста и отпорноста на банкарскиот сектор на потенцијални шокови, посочил Славески.
Димитриеска-Кочоска посочила дека одржувањето на стабилноста на финансискиот систем во целина е особено значаен за остварување на економските политики што ги спроведува Владата и Министерството за финансии.
-За таа цел, се преземаат мерки и активности за подобрување на законската регулатива, вклучително и за финансиските друштва и друштвата за лизинг со цел да се олесни пристапот за финансирање и заштита на потрошувачите, рекла Димитриеска-Кочоска.
Абази посочила дека Комисијата за хартии од вредност постојано го зајакнува регулаторниот и надзорниот пристап кон пазарот на капитал, каде што вкупната пазарна капитализација на акциите и обврзниците на 30.11.2025 година изнесуваше 378,5 милијарди денари, а индексот МБИ-10 бележи раст од речиси 12% на годишно ниво.
-Истовремено, нето-вредноста на средствата на инвестициските фондови на 30.11.2025 година достигна 28,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 47% во однос на минатата година.
Во услови на зголемена дигитална зависност на финансиските институции, Комисијата за хартии од вредност и во иднина ќе биде посветена на унапредување на дигиталната отпорност на критичната пазарна инфраструктура, како предуслов за долгорочен интегритет и напредок на пазарот на капитал и на финансискиот систем во целина, истакнала Абази.
Бајрами, истакнал дека во услови на зголемена неизвесност на светските финансиски пазари и постепена нормализација на монетарните политики, капитално финансираното пензиско осигурување и натаму има значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност преку долгорочно и претпазливо инвестирање, претежна изложеност во домашни државни хартии од вредност и соодветна географска и секторска диверзификација.
-Истовремено, надлежните институции преку координиран надзор и размена на информации внимателно ги следат ризиците поврзани со движењата на каматните стапки, инфлацијата и ликвидноста, заради навремено ублажување на потенцијалните системски ризици.
Оттука, се работи на воведување на концептот на мултифондови, како структурна реформа што ќе овозможи поусогласено управување со инвестициските ризици според животниот циклус на членовите, зголемување на долгорочните приноси и дополнително зајакнување на отпорноста и стабилноста на пензискиот систем, рекол Бајрами.
Во своето излагање, Дракуловска, заклучила дека осигурителниот пазар во сегментите неживот и живот во 2025 година го обезбедува континуитетот на растот.
За првите девет месеци годинава, вложувањата во осигурувањето достигнале ниво од 13,80 милијарди денари (223,77 милиони евра), што претставува зголемување од 13,3 отсто во споредба истиот период од 2024 година.
Во истиот период друштвата за осигурување исплатиле бруто-износ на штети од 4,82 милијарди денари, што во споредба со истиот период лани претставува зголемување од 11,4%. Во делот на легислативата и приближувањето кон стандардите на ЕУ, Дракуловска рече дека АСО и Министерството за финансии ќе ги завршат активностите поврзани со изготвувањето на новиот Закон за осигурувањето.
Воедно, АСО започнал со подготовката за спроведување на светскиот стандард за финансиско известување МСФИ 17. Во делот на супервизијата, АСО ќе се стави поголем акцент на зајакнувањето на супервизорските капацитети и постепено воведување супервизија заснована на ризиците, посочила таа.














