Група параглајдеристи кои летале од падините на Галичица, пријавиле дека нивниот пријател, државјанин на Германија, од засега непознати причини доживеал тежок пад од поголема височина, на исклучително непристапен и карпест терен, информираат од Планинската спасителна служба
„За голема среќа, тројца спасители на ПСС во тој момент престојуваа во планинарската куќа „Спиридон“, каде е лоцирана и спасителната станица на ПСС, опремена со специјализирана техничка опрема за интервенции во овој регион. Веднаш по дојавата, екипата за само 15 минути стигна до местото на несреќата, изврши имобилизација на повредениот и започна комплексен транспорт по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност беа и ноќните услови во кои се одвиваше целата акција.
По повеќе од еден час напорна интервенција, во 20:20 часот, повредениот беше безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Од таму, тој веднаш беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде, за жал, му беа констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на рбетот.
На повредениот му посакуваме брзо и успешно опоравување , а на сите посетители на планината им упатуваме апел за претпазливост и одговорно уживање во преубавиот есенски амбиент на Галичица.
Планинската спасителна служба ќе продолжи да биде на располагање за сите кои имаат потреба, но секогаш потсетуваме дека безбедноста треба да биде на прво место,“ од Планинската спасителна служба од Охрид.

Фото/Unsplash/Планинска спасителна служба Охрид