(Фото) Во срцето на „Македонско село“, Еснаф ја раскажува приказната за македонските занаети

Во срцето на обновеното „Македонско село“ се наоѓа дуќанот Еснаф кој што совршено се вклопува во концептот на комплексот, за на најубав можен начин да ја раскаже приказната за македонските занаети.Странците да се запознаат со дел од историјата, а домашните да се потсетат на заборавеното и повторно да ја откријат убавината на винтиџ производите како и душата на рачно изработените дела.

Низ дуќанот не прошета идејниот творец на Еснаф, Изабела Соколовска која ни раскажа за секое катче, кое го плени секој посетител.

„Во дуќанот има винтиџ производи како гоблени, миленца, потоа производи изработени од лица од ранливи категории.

Тука се и традиционалните изработки, филиграни од срма, резба, мозаици од слама. Традиционалните сувенири се од македонски локални производители, нема производи кои не се рачна изработка. Понатаму има резба, дрвени производи, интересно изработени кутии, производи од кожа.

Почнувајќи од минатото и движејќи се кон денешнината имаме и производи од современите занаети, накит од стакло, декор, везен накит, сутаж, месинг,“ вели Соколовска.

Во дуќанот има и дел кој што е посветен и на модата, а преку ткаењето нашата соговорничка си ја пронашла креативноста.

„Овде има колекција на каиши која беше претставена на модна ревија во Сараево лани во ноември. Елеците и ташните, се огромен хит и често се продаваат. Станува збор за реупотреба на традиционалното во посовремено,“ додава Соколовска, која што е основач на Еснаф, кој постои седум години и продава различни производи од голем број на занаетчии. Денес веќе докажан македонски бренд кој е препознатлив по поддршката на ранливи категории, ја оживува традицијата и дава еден друг вид на искуство на посетителите и на туристите.

Во Еснаф има и дел за отворени работилници  во кои креативците ќе може да ткаат таписерии, појаси, да плетат, да везат, да бојат глинени грнчарски производи, да шијат за на крајот од тој процес да произлезе „направи сам сувенир“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Комплексот „Македонско село“ нуди и хотелско сместување

(Фото) Што може посетителите да видат во „Македонско село“ во Нерези

(Галерија) Отворено „Македонско село“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести