Воспоставувањето систем за географски ознаки за вино е клучен чекор во дефинирањето и унапредувањето на стандардите во производството и заштитата на идентитетот и уникатноста на македонското вино. Само со развојна стратегија и вклучување на сите чинители во процесот, ќе се обезбеди развој, како на винската индустрија, така и на лозарството во земјава. Ова беа клучните пораки од настанот на кој беше објавено формирањето на првата организација која ќе биде одговорна за воспоставување на стандарди во винарството и лозарството во Македонија – Здружението за заштита на географската ознака за вино „Повардарски – Врв“.
На настанот „Географски ознаки за вино: Придобивки и визија за Македонија“, кој се одржа во М6 Едукативен Центар во Скопје, присуствуваа претставници на винарниците, лозарите, меѓународни институции и претставници од државните институции.
Овој настан има стратешко значење, бидејќи обедини широк спектар на чинители – винари, лозари, извозници, институции, експерти и други засегнати страни, со цел заеднички да се унапреди конкурентноста и одржливоста на секторот.

„Дефинирањето на стандарди и заштитата на уникатноста и квалитетот, се дел од стратешката определба на Здружението ,Вина од Македонија’ за градење на имиџот на македонско вино. Во изминатите три години, интензивно работевме на воспоставување систем за географски ознаки. Географските ознаки за вино се клучни во вреднувањето на виното на национално и на меѓународно ниво.
Тие обезбедуваат заштита на потеклото и квалитетот на виното и имаат големо значење за соодветно позиционирање на македонското вино во светот“, нагласи Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Здружението „Вина од Македонија“.
Здружението „Повардарски – Врв“ ќе биде одговорно за дефинирање на стандардите, но и за заштита и унапредување на географските ознаки за вино.

„Географските ознаки на виното го гарантираат квалитетот и преку нив потрошувачите знаат што купуваат, а локалните винари се заштитени од имитации или злоупотреба на имиња. Покрај придобивките за македонското вино, овој систем ќе овозможи да се дефинираат и соодветни стандарди за производство на грозје, што ќе влијае и на дефинирање на цената на грозјето согласно квалитетот.
Овој пристап ќе обезбеди фер третман на производителите и стимулирање на квалитетот, што ќе овозможи надминување на проблемите кои се појавуваа во тој дел“, изјави Милица Плетварска Атанасов, извршен директор на Здружението „Повардарски – Врв“.
Голем интерес предизвика обраќањето на проф. Ален Делоар, светски признат агроном и вински експерт, професор на Институтот „Агро“ во Монпеље, Франција. Тој одржа презентација на тема „Географски ознаки за вино во глобалната винска индустрија“, потенцирајќи го искуството на светски познатите вински региони и начинот на кој географските ознаки се користат на производи кои имаат специфично географско потекло и поседуваат квалитет, углед или други карактеристики кои се директно поврзани со тоа потекло. Бенефитите од овој процес се гаранција дека виното е автентично, со контролиран квалитет и потекло, при што потрошувачите добиваат поголема сигурност, а се зголемува и вредноста на регионот и на вината кои од него потекнуваат, унапредувајќи ја нивната конкурентност.
Настанот беше можност учесниците да разменат искуства во областа, да воспостават нови партнерства и да се вклучат во работата на новото здружение.