„Храбриот нов театар“ е мотото под кое ќе се одржи 60. јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, од 12 до 19. јуни 2026 година.
„Насловот на денес култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ (1932) е инспириран од репликата на Миранда во Шекспировата „Бура“: „О, чудо! Колку прекрасни суштества! / Ах, колку прекрасни биле луѓето! / И колку си среќен со нив, во Новиот Свет!“
Мотото на годинешното јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп логично произлезе од оваа конекција бидејќи интимниот восклик на Миранда станува ироничен коментар на новото време преку романот на Хаксли. Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години.
Кога се слави голем јубилеј како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар! Или Надвор од кутијата! Или ако одиме уште поактивно – Театар без молк – свет без рамнодушност!
Како сериозен театарски фестивал, не смееме да дозволиме општата рамнодушност да му го заземе местото на театарот без желба да менува или да провоцира,“ вели уметничкиот директор на фестивалот Ана Стојаноска.
Таа додава дека фокусот на јубилејното издание е еден своевиден мост меѓу почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината.
Ова мото е поткрепено и со визуелен идентитет на фестивалот за кој и годинава се погрижи дизајнерката Ема Велковска.
„Во древните култури, монолитите биле средишта на ритуалот, места на собирање, жртвување и молитва, каде што реалното и митското се спојувале во еден заеднички простор на доживување. Околу нив се создавал фокусот, просторот на изведбата, енергијата на телото и гласот. Како што театарот произлегува од ритуалот, така и монолитот ја надминува својата материја.
И двата постојат како мостови меѓу минатото и сегашноста, меѓу она што е видливо и она што се чувствува. Театарот е местото каде што ритуалот станува игра, а играта обред на трансформација.
Во овој монолит е впишана историјата на 60 години постоење. Тој не е само белег на времето, туку и доказ на храброста, храброста да се создава одново, да се опстојува низ сите промени, да се преосмислува себеси и да продолжува понатаму. Како камен што стои наспроти сите ветрови, театарот останува и сведок и повик кон иднината, кон новото, кон непознатото,“ вели меѓудругото Велковска.
Промотивна објава














