Во духот на солидарноста и хуманоста, Клиника Жан Митрев заедно со Blood Bank TENK, Институтот за трансфузиона медицина и волонтерите на Црвениот крст, успешно ја реализираше традиционалната крводарителска акција, која се одржува согласно потпишаниот Меморандум за соработка, информираат од таму.
Оваа година, акцијата се одвиваше под слоганот: „Дарувај крв, дај надеж“, а воедно го одбележа и Меѓународниот ден на крводарувањето – 14. Јуни. Во акцијата активно учествуваа вработените на Клиниката, како медицинскиот, така и немедицинскиот персонал, кои уште еднаш докажаа дека дарувањето крв е најчистиот израз на човечност, емпатија и грижа за другите.
„Со заедничка цел, да помогнеме таму каде што е најпотребно, повторно покажавме дека хуманоста не познава граници. Ова не е само акција, туку дел од нашата мисија и вредности кои ги негуваме секојдневно,“ истакнуваат од Клиника Жан Митрев.
Со секоја дарувана доза крв се спасуваат животи. Токму затоа, оваа акција претставува важен придонес во поддршка на здравствениот систем и пациентите кои се во критична потреба. Клиника Жан Митрев останува посветена на овој тип на општествено одговорни активности, продолжувајќи да биде двигател на хуманоста и солидарноста, посочуваат од таму.





