Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) постапувајќи по кривична пријава поднесена од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, донесе наредба за спроведување на истражна постапка против три лица од Скопје.
Како што информираат од таму постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „злосторничко здружување“ и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
„Во рамки на предистражна постапка е утврдено дека постои сомневање дека лицата се организираат за одмазда на своите браќа кои во текот на минатата година беа обвинети и осудени за кривично дело „терористичка организација“.
Според досега прибраните докази, осомничените дејствувале организирано и координирано, како група со заедничка идеолошка определба, заснована на радикални исламистички наративи.
Постојат сомневања дека се преземале активности за собирање парични средства од земјава и од странство и дека се користени за пропаганда и активности на исламската држава, како и за набавка на оружје,“ велат од Обвинителство.
По наредба на Основниот кривичен суд Скопје, а под раководство на јавниот обвинител од ОЈО ГОКК вчера биле извршени претреси на домови и други простории на повеќе локации во Скопје. При претресите се пронајдени и одземени парчиња огнено оружје, електронски уреди и други материјални докази.
По предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена, поради постоење на законските основи предвидени во Законот за кривична постапка.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР) станува збор за Б.Д. (33), М.Д. (29) и С.Е. (25), сите од Скопје.
„Во рамките на предистражна постапка е утврдено дека постои сомневање дека лицата се организираат за одмазда на своите браќа кои во текот на минатата година беа обвинети и осудени за кривично дело „терористичка организација“.
Според досега прибраните докази, осомничените дејствувале организирано и координирано, како група со заедничка идеолошка определба, заснована на радикални исламистички наративи.
Според сомненијата, се преземале активности за собирање парични средства од земјава и од странство за кои постои сомневање дека се користени за пропаганда и активности на исламската држава, како и за набавка на оружје,“ информираа претходно од МВР.
При претресите биле пронајдени и одземени автоматска пушка со две рамки и 44 куршуми, два пиштола со три рамки и 14 куршуми, една ловна пушка, една воздушна пушка, една рачна димна бомба, муниција од различен вид и калибар и други доказни материјали.














