На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, одбраната на обвинетиот Миле Ампов, поранешен инспектор во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), меѓу друго посочи дека во јавноста се пласирале неточни информации за институционалната одговорност и статусот на т.н. дискотека/кабаре “Пулс“.
Неговиот адвокатот Ванчо Шехтански, во воведниот збор посочи дека неговиот клиент, како инспектор до 2022 година, вршел надзори и констатирал дека „Класик“ и подружницата „Кабаре Пулс“ не ги исполнувале условите за работа, но оти објектот каде што се случила трагедијата не е истото правно лице, потсетувајќи дека Ампов од 2024 година е во во пензија, поради што не можел да врши инспекциски надзор.
Наведе и дека објектот во кој избувна пожарот има различен назив од оние што се наведуваат во јавноста.
– Дискотека „Пулс“ во Централен регистар не постои… Правното лице ДПРУ „Класик“ е регистрирано на 2.3.2009 година … Во негов состав има подружница „Кабаре Пулс“. Правното лице „Класик“’ не е меѓу обвинетите правни лица. „Класик“ постои до 9. февруари 2024 година … Од тој период наваму, правното лице повеќе не постои. Објектот каде што се случи трагедијата се вика „Клуб Пулс“, ниту кабаре, ниту дискотека. Тука е проблемот, нема лиценца. Човекот не можел да врши инспекциски надзор во 2024 година кога бил веќе во пензија, рече тој меѓу друго.
Одбраната на Блашка Евтимова, која е исто така пензиониран пазарен инспектор, во воведниот збор пак посочи дека не е јасно зошто таа е обвинета и дека се гони за дејствие што го презела во 2012 година.
Нејзиниот адвокатот Зоран Волчанов меѓу друго кажа таа по тој период ниту презела друго дејствие, ниту можела, ниту имала обврска и надлежност спрема фирмата и објектот каде се случила трагедијата, бидејќи живеела и работела во Виница и не постапувала во Кочани, каде била само еднаш во 2012 година и тоа по налог на регионален раководител.
Таа пак рече дека кога во 2012 година била во контрола, објектот во целост ги исполнувал условите предвидени согласно законските одредби по кои постапувале.
Одбраната на поранешната пазарна инспекторка Весна Кузмановска, во воведниот збор посочи дека таа три децении работела посветено, професионално, одговорно и со интегритет.
-Видно од обвинението, но и од истрагата и доказите, јасно е дека Кузмановска е обвинета затоа што работела во службата и тоа ревносно и казнувала, опоменувала и поднесувала пријави за неправилности. Оваа жена, машки ја работела својата работа.
Одбраната е на мислење дека оваа обвинета ќе била изземена од ова обвинение и постапка, само доколку претходно не работела ништо во својата служба. Зад членовите и кривичните дела кои се ставаат на товар не стои умисла, не стои желба за некаква корист, стои човек кој е невин, но и ако постоела грешка, таа е грешка на систем, на недоречени процедури, оптовареност и организациски слабости, но не и грешка на едно лице што со чиста совест го извршувало она што законот го барало од неа, рече меѓу друго нејзиниот адвокат Благој Димковски.
И одбраната на поранешниот пазарен инспектор Емил Митев, потенцираше дека е неразбирливо како дејствија од пред повеќе години можат да се третираат како тешки кривични дела против општата сигурност.
Според неговиот адвокат Марјан Михов, ставовите на Основното јавно обвинителство се темелат на погрешна правна квалификација, непрецизно индивидуализирање на наводните повреди и игнорирање релевантни околности.
Рече и дека неговиот клиент во 2012 година воопшто не бил инспектор, туку советник за управни работи и дека не потпишал ниту еден документ од извршената контрола.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Џеваир Камбери, обвинетиот за трагедијата во Кочани излегол од притвор во „Шутка“
Фото: Игор Бансколиев













