На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани сведочеше и Иван Данаилов, кој го преживеал истиот без повреди.
Тој меѓу друго рече дека често одел таму, уште како малолетник.
Потврди дека имало многу луѓе во објектот и дека имало и малолетници.
Раскажа и дека за време на концертот на ДНК во “Пулс“ влегле полицајци, дел од нив без униформа и дека настапот на групата не бил прекинат.
Рече дека во „Пулс“ и порано се употребувало пиротехника, дека не забележал противпожарни апарати, ниту излези за евакуација. Покрај главниот влез според него имало само уште една врата зад шанкот, која, како што кажа, не забележал некој некогаш да ја користи.
Откако со неговите другари приметиле дека ситуацијата со пожарот станала сериозна се приклучиле на стампедото од луѓе кои се обидувале да излезат од објектот.
-Се сеќавам дека во таа турканица сите се обидуваа да излезат надвор. На скалите некој од толпата падна пред мене и сите се срушивме врз него. Не забележав некој да води ред и да организира евакуација.
Следно што паметам е како лежам на дното на скалите, бев на последната, се обидував да станам, но нозете ми беа приклештени од други паднати лица, раскажа тој, посочувајќи дека бил извлечен од член на обезбедувањето.
Сведочеше и дека откако проверил дали другарите му се добро, приметил два-тројца полицајци кои стоеле и не учествувале во извлекувањето на настраданите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Брат ми го познав по тетоважите, кажа келнер кој работел на црно во “Пулс“
Фото: Игор Бансколиев













