Ќе се реконструира Железничката станица во Скопје според проектот на Кензо Танге, со нови современи и модерни елементи

Ќе се реконструира Железничката станица во Скопје, со зачувување на основниот изглед, како што е направено во 1981 година според проектот на јапонскиот архитект Кензо Танге, но со нови современи и модерни елементи, најави денеска Синиша Ивановски, директор на МЖИ Инфраструктура.

Ќе се менуваат и инсталациите, греењето и ладењето.

-Станицата сега изгледа како питстоп на Формула и веќе нема да биде така, ќе има забрана за рекламирање. Ќе има промена на содржини, ќе има аптеки и други комерцијални содржини, но доградби како ќебапчилница и други работи нема да бидат дозволени.

Столбовите на градбата сега се рекламно пано за концерти и тоа нема да биде дозволено, рече Ивановски, посочувајќи дека се што е доградено надвор од првичниот проект ќе биде отстрането, а реконструкцијата ќе се прави заедно со Архитектонскиот и Градежниот факултет.

За најмалку една година треба да се изработи проект, по што ќе следува фаза за обезбедување финансии и градежни работи, кои треба да завршат за пет-шест години, истовреме со пуштањето на брзата пруга на Коридорот 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.

– Ако завршиме со проектот за една година потоа финансирањето ќе биде или со државниот Буџет, или со заем од класичните заемодаватели, како ЕБРД, ЕИБ, комерцијалните банки, но не е исклучена можноста да се влезе во стратешко партнерство со Велика Британија со која ќе правиме многу капитални инфраструктурни проекти.

За пет до шест години од денеска во исто време треба да бидат готови и брзата пруга и кракот до Скопскиот аеродром. Можеби делува апстрактно, но верувајте со сите сили работиме паралелно на сите проекти, рече тој.

Започнува и проектирање за ремонт на пругата Зелениково – Велес, како и за санација на неколку свлечишта и на мостот на Црна Река, што делумно се урна во 2022 година.

Фото: Македонски железници транспорт

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести