На вчерашното продолжение на судењето за случајот познат како „Онкологија“ сведочеше и пејачката Јулија Мациевска, мајка на починатата Адријана Начевска.
Таа детално ја раскажа личната голгота за лекувањето на нејзината ќерка на Клиниката за онкологија во септември 2020 година.
Како што пренесе државната агенција МИА, Мациевска меѓудругото кажа дека на ќерка ѝ никогаш не ѝ била измерена телесната тежина. Првпат забележала дека ѝ се влошува здравствената состојба откако започнала со примање на имунотерапии.
– Секако дека јас алармирав за состојбата, бидејќи имав телефон и од Нино и од Мери, но одговорите беа дека тоа е нормално после секоја терапија и дека ќе ѝ помине. Адријана толку многу веруваше што кога ќе отидевме на Онкологија ние во доктор Нино гледавме господ. Не можам да кажам дека тие на почетокот не беа љубезни. Ги истуркавме хемотерапиите некако и таа се крена, дури спреми цела изложба, сѐ додека не почнаа тие имунотерапии, рече Мациевска.
Како што раскажа со секоја следна имунотерапија симптомите биле сѐ посилни, но и покрај нејзините реакции лекарот Васев продолжил со давање имунотерапии нагласувајќи дека тоа е „превентивно и е најприродна биолошка терапија“.
– Кога првпат отидовме на Гастро, докторот таму ми вика „дали вие знаете каква е состојбата на вашето дете, таа не е добро, црниот дроб е оштетен и има вештачки метастази од неадекватна терапија“, рече Мациевска и додаде дека на Клиниката за гастроентерохепатологија ѝ било посочено дека тие вештачки метастази се добиваат од неадекватна терапија.
– Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии. Мене пари не ми требаат, јас го изгубив моето дете, ќе бараме материјална оштета и ќе ја донирам. Се приклучувам и кон кривичниот прогон, затоа што знаел што прави, но некаде по пат ја изгубил човечноста, кажа меѓудругото Мациевска.
Во случајот се обвинети поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и тројца онколози. Второобвинетета Мери Пешевска призна вина, а Васев и Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, негираат вина.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката, Нехат Нухи е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.
Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавил поранешниот директор Нехат Нухи, кој доби куќен притвор за „Онкологија“
Каков имот пријавил поранешниот директор Нино Васев, кој е обвинет за случајот „Онкологија“
Фото: Мациевска/Фејсбук