Кога зборовите и музиката стануваат завет: Александар Митевски и Огнен Неделковски направија песна посветена на Фросина

Во моменти кога зборовите не се доволни, а тишината станува претешка, уметноста го наоѓа својот пат.

Химната „Фросина“, премиерно ќе биде промовирана и ќе се слушне на донаторската вечер „Threads of Light“ на 29. јануари во Станица 26, а е отпеана од авторот Александар Митевски заедно со Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева.

Истата е длабока, искрена и достоинствена почит кон Фросина и како силна јавна порака за смисла, одговорност и промена.

Баладата за Фросина е создадена како подарок и донација од срце за семејството и за Фондацијата „Фросина Кулакова“. Текстот, напишан од Огнен Неделковски, и музиката и аранжманот на Александар Митевски, настанале под силен наплив од емоции, во ноќи кога зборовите и мелодијата не дозволиле тишина.

Така баладата „Фросина“ не се раѓа како обично музичко дело, туку е лична емотивна исповед, завет и јавна порака. Првичната демо снимка отпеана со гласот на авторот Александар Митевски сите ги остави без зборови и всушност сите едногласно решија да остане како финална снимка, поради нејзината автентичност и големата емотивност при нејзиното раѓање.

„Посебна симболика има фактот што и двете наши ќерки пораснаа со песните на овие двајца автори, кои со години беа дел од нивните детски фестивали, први настапи и уметнички развој. Токму затоа, химната „Фросина“ претставува круг што се затвора со љубов, болка и смисла – круг во кој детството, уметноста и спомените се спојуваат во една тивка, но моќна порака“, велат од семејството Кулакови.

Песната не повикува на одмазда, туку на будење на општествената свест, на грижа и одговорност, и на заштита на децата. Таа е глас на мисијата на Фондацијата – преку уметноста да се создава реална промена, поголема безбедност во сообраќајот и поддршка за семејствата погодени од трагедии.

Донаторската вечер насловена „Threads of Light“ е посветена на она што Фросина најмногу го сакаше – модата и уметноста, и претставува простор за заедништво, сеќавање и одговорност. Настанот ќе вклучи изложба, хуманитарна аукција и уметнички перформанс, а промоцијата на химната „Фросина“ ќе биде нејзиниот централен, најемотивен и најсимболичен момент.

Со оваа песна, Фондацијата „Фросина Кулакова“ го потврдува својот завет: да ја претвори болката во дејство, сеќавањето во светлина, а уметноста – во сила за промена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Уметноста како глас за животот: Македонските уметници обединети за Фросина Кулакова

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести