Обезноста предизвикува 230 коморбидитети, а само 2% од лицата кои го имаат овој хроничен здравствен проблем, се третираат медицински

Известувач од Копенхаген за еМагазин.мк, Силвана Жежова

Обезноста, според Светската здравствена организација (СЗО) е сериозна, прогресивна, хронична болест, која што влијае на квалитетот на животот и продуктивноста на лицата кои се соочуваат со овој здравствен проблем. Станува збор за состојба која не е предизвикана само од недостаток на нивна волја истата да ја превенираат, туку е хронична болест, и затоа се потребни системски решенија и мултидисциплинарен пристап во третманот.

537 милиони луѓе во светот се соочуваат со дијабет, а само 15% од нив се под добра контрола. 988 милиони луѓе се со обезност, а само 2% се медицински третирани.

Овие бројки беа презентирани на конференцијата на Ново Нордиск во Копенхаген, компанија чија што мисија е да го унапреди здравјето кај луѓето со хронични заболувања. Нивната цел е да бидат лидери во превенцијата, едукацијата и пристапот, за да ги направат нивните иновативни производи, достапни за што е можно поголем број на пациенти.

Не можете да им препорачате на луѓето да сменат лајфстајл, тоа не функционира

Главниот научен советник во Ново нордиск, Лоте Бјер Кнудсен ги презентираше последните научни достигнувања, имајќи предвид дека компанијата постојано инвестира во развој и прави најсовремени истражувања, за да му помогнат на светот да се справи со овој глобален проблем. Податоците говорат дека 1 билион луѓе живеат со обезност, а до 2035 година половина од светското население ќе има вишок на килограми или обезност.

„Целта ни е нашите производи постојано да ги подобруваме, работиме на развојот, истражуваме, и иновациите кои произлегуваат да бидат достапни за што е можно повеќе пациенти, и во сиромашните земји. Веруваме во третманот со GLP-1, терапии кои се решение за пациентите.

Овие терапии им помагаат на пациентите да живеат поздраво. Влијаат врз подобрување на гликемиски и кардиоваскулатни параметри, на мастите, составот на телото, со нивна помош се намалува тежината, обемот на половината, се регулира шеќерот,“  рече Кнудсен.

Во оваа насока, и Светската здравствена организација (СЗО) го објави својот прв водич за употреба на терапии со GLP 1, за третирање на обезноста како хронична болест.

Нивните најнови податоци говорат дека лани имало 3,7 милиони смртни случаи во светот, поврзани со обезноста.

„Дебелината е голем глобален здравствен предизвик на кој СЗО е посветена да се справи, преку поддршка на земјите и луѓето низ целиот свет, преку ефикасна контрола. Обезноста е хронична болест, која може да се третира, преку сеопфатна и долгорочна грижа. Терапиите со GLP-1 можат да им помогнат на милиони луѓе да ја надминат обезноста и да ги намалат последиците поврзани со неа,“ вели генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Раководителот на медицински и транслациски науки во Ново нордиск, Филип Кнот ја потенцираше поврзаноста на обезноста, со бројни компликации од кои е погоден секој орган.

„Постојат повеќе од 229 компликации кои обезноста може да ги предизвика, а го погодуваат целиот организам. Компликациите се побројни, отколку кај пушењето. Многу мал процент од луѓето се третираат, односно само 2%, или попрецизно статистички само петмина на 20.000. Бројките и преваленцата секоја година растат. Една од компликациите која се повеќе се препознава, се менталните болести. Нашата цел е да развиеме лекови за подобро справување со овие компликации. За разлика од денес, пред 10 години, не можевме да предложиме солуција за превенција. Се препорачуваше луѓето да го сменат својот лајфстајл, за што подоцна сфативме дека е стигматизација, бидејќи реално не можеа тоа да го направат. Но денес има солуција,“ изјави Кнот.

Тој истакна дека причините може да бидат генетски, но во комбинација со социо-економското опкружување и општественото влијание.

„Ако погледнеме слика од плажа во 60-те години од минатиот век, тогаш сите биле во рамките на некоја нормална тежина. Денес пак, преовладува сликата на луѓе со поголем број на килограми. Освен генетските предиспозиции, секако влијае и начинот на кој се храниме, лесно достапната храна која влијае врз зголемување на килограмите, недостаток на физичката активност. Во минатото, кога луѓето ловеле за да се прехранат, тоа подразбирало голем физички напор. Денес, генетските предиспозии и опкружувањето, влијае на зголемување на бројот на лица кои живеат со обезност,“ додава Кнот.  

Психолошкото страдање кај обезните деца, е исто како кај децата кои примаат хемотерапија

Докторот од Торонто Дејвид Меклин истакна дека обезноста треба да ја гледаме како дрво, коренот се причините, а гранките на дрвото се она што виузелно го гледаме, проследено со сите последици.

Тој истакна дека кај пациентите кои страдаат од обезност, мозокот им е голем непријател, бидејќи тој се бори против нив, во таа макотрпна борба.

„Мозокот се бори против борбата за губење на апетит. Затоа се овде лековите, кои помагаат во менаџирањето на коренот, односно изворот на проблемот кој се наоѓа во центарот на мозокот одговорен за регулирање на ситоста на глад.

Доколку постои одреден вид на нарушување на тој систем, клетките кои се одговорни за ситоста не се задоволуваат и со голема количина на храна. Колку и да јадете, никогаш не е доста. Тие испраќаат сигнали на постојан глад, што не е случај кај луѓето чиј што систем функционира нормално. Кога јадете, клетките во центарот за регулација на апетитот нормално ќе ја регистрираат ситоста, и тоа ќе ви биде знак дека треба да престанете. Кај лицата со нарушен систем, тој контролен механизам, не постои.

Оттука се важни лековите, кои помагаат за регулирање на центарот за глад, кој што е коренот на дрвото кој не го гледаме кај обезните луѓе. Ја гледаме само крошната, и гранките односно коморбидитетите. Но тие се само последица, треба да се третира причината,“ истакна Меклин и додаде дека кога постои ваков проблем, тогаш сите совети за обезните пациенти од типот престани да јадеш, или смени начин на живот паѓаат во вода и се чиста стигматизација.

Докторот кој е и предавач на Медицински факултет на Универзитетот во Торонто, ја потенцираше огромната важност за идентификација на проблемот, и негов третман. Со превенцијата, раната дијагноза и третманот се намалуват долгорочните здравствени трошоци, преку спречување на можните компликации. Преку нивните лекари, пациентите добиваат индивидуален третман.

Тој посебно се осврна на обезноста кај децата, кој претставува се поголем проблем. Го презентираше и најновиот наод, кој вели дека психолошкото страдање кај обезните деца е исто како кај децата кои примаат хемотерапија.

Во третманот на пациентите, се повеќе се придава значење и на менталните болести, и истите имаат големо влијание врз продуктивноста и мотивацијата.

Според Европската асоцијација за проучување на обезноста (ЕАСО), во коморбидитетите и болестите спаѓаат хипертензија, срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2, одредени видови на карциноми како карцином на дојка, дебело црево, еднометриум, влијание врз репродуктивното здравје и плодноста, замастен црн дроб, системско воспаление, депресија, анксиозност и др.

Во однос на состојбите кај нас, според податоците на Светскиот Атлас за обезност во 2025 година, 30% од вкупното возрасно население живее со прекумерна телесна тежина или обезност. Проекциите се дека до 2030 година, дури 928.000 жители кај нас, ќе се соочат со проблемот на прекумерна телесна тежина. Во овој контекст, Македонија влегува во категорија на земја со високи стапки на предвремена смртност од незаразни болести, при што обезноста се издвојува како клучен ризик фактор.

Во насока на решавање на овој проблем, планирано е отворање на девет Центри за менаџирање на обезноста, кои се планира да се акредитираат од  ЕАСО.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести