Членството во Европската Унија (ЕУ) според мене е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, поради тоа што ЕУ е изградена на приципот на разноличност и ЕУ се грижи за сите земји членки поединечно, во смисла на тоа што нашиот идентитет е добро зачуван, одговори еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос на заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, прашана за коментар за амандманот во Извештајот за Македонија на Европскиот парламент, со кој се бара „модерен (современ/сегашен)“ македонски јазик и македонски идентитет.
-Идентитетот не може, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Идентитетот е нешто што си го носиме во душите и во нашите срца. Идентитетот е како се чувствуваме и како ја чувствуваме нашата татковина, идентитетот е она како се грижиме за нашата традиција.
На пример манастите во Северна Македонија, погачата, тавче гравчето, пинџурот или полнетите пиперки… како на пример ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик и никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците, рече таа, потсетувајќи меѓудругото дека Македонија ќе продолжи на европскиот пат откако ќе ги усвои уставните измени, со кои Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав. Токму бугарските европратеници бараат „модерен (современ/сегашен)“ македонски јазик и македонски идентитет.
Мицкоски пак рече дека за него идентитетот не е само македонската кујна, туку и Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, браќата Миладиновци, Илинденското востание… и дека не е сигурен дека и Бугарите го делат истото мислење.
„Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот. За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански, итн итн. Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот македонски идентитет“, рече Мицкоски.
На прашањето пак какви гаранции може да даде ЕУ на Македонија дека Бугарија нема да го билатерализира процесот понатаму, Кос рече дека нивната „политичка цел е да се отворат преговорите за Северна Македонија, по кластер 1 најскоро можно, штом ќе ги задоволи Северна Македонија релевантните критериуми, договорени со Советот, односно ќе ги имплементира заложбите да се извршат уставните промени“.
Фото: Влада