На денешното рочиште за трагедијата во т.н. дискотека „Пулс“ сведочеше Кристијан Панов, брат на загинатиот во пожарот, Андреј Панов.
Како што објасни и двајцата работеле во “Пулс“, тој како келнер, а неговиот брат како шанкер.
Работел без договор, на повик на сопственикот на „Пулс“, првообвинетиот Дејан Јованов Деко, за викенди, а бил плаќан во кеш. Имал дневница од 1.500 денари кои ги добивал на почетокот на смената, а неговиот брат земал 2.000 денари.
Панов меѓу друго пред Судот кажа дека и пред трагедијата во „Пулс“ се користела пиротехника и за други настапи, а пред несреќата настапувал и диџеј од Грција со танчерки кои вртеле факели со оган во воздухот.
Рече дека т.н. дискотека имала само еден влез и излез за кој рече дека не бил сигурен дали бил означен со светлосен сигнал. Посочи и дека не видел противпожарни апарати во внатрешноста, пред за време на пожарот да го види сопственикот со таков апарат во раце.
Потврди и дека во “Пулс“ често имало малолетници, дека повремено таму доаѓала и полиција, понекогаш и без униформа и дека тие знаеле дека во т.н. дискотека доаѓаат и малолетници.
Кобната ноќ пред да се случи пожарот излегол надвор на цигара. Бил на роденден на пријател. Потоа одеднаш приметил дека сите се обидуваат да излезат од објектот.
Откако се подсмирила паниката тргнал да го бара брат му кој вечерта бил на работа. Влегол во објектот, но било претешко да се остане внатре. Не успеал да го пронајде при првиот обид.
Повторно се вратил и го пронашол на прагот од т.н. дискотека. Првично не бил сигурен дека е тој, а го познал по тетоважите. Со братучед му го однеле во болницата, каде му бил даден адреналин, а потоа бил префрлен во друга соба. Никој не сакал да му каже дали е жив. По некое време сестра му кажала дека брат му е починат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Игор Бансколиев













