Критичните суровини како нов национален приоритет: Зошто рударството е клучната алка на македонската индустриска политика

Македонија е пред важна крстосница во однос на развојот на рударството. Со Предлог-закон за рударство првпат системски се воведуваат „Листа на критични минерални суровини“ и „Листа на стратешки минерални суровини“, со обврска Владата на секои три години да ги преиспитува и ажурира суровините на двете листи. Ова ја усогласува земјата со европската и глобалната пракса и создава јасна рамка за планско искористување на домашните ресурси, за побрзи процедури и за таргетирани инвестиции. Законскиот текст предвидува и дефинирање на проекти од „стратешки интерес“, што овозможува приоритетен третман на капацитети со системска важност за економијата.

Со тоа, регулативата го врзува рударството со индустриските и енергетските цели и создава предвидлива траекторија за инвеститорите.

Глобалниот контекст: побарувачка што ја редефинира безбедноста на снабдување

Глобалните ланци на снабдување со метали се под силен притисок од растечката побарувачка за кабли, батерии, електроника и зелени технологии. Европската унија и САД поставија јасни листи и политики за критични суровини за поефикасно привлекување капитал и технологија и за да им дадат предвидливост на домашните оператори да инвестираат во опрема, преработка и заштита на животната средина. ЕУ ја применува Регулативата за критични суровини (CRMA), која освен „критични“ дефинира и „стратешки“ суровини за зелени, дигитални, одбранбени и аеронаутички технологии—со конкретни цели за домашно снабдување, преработка и рециклирање. Паралелно, САД неодамна ја проширија својата трогодишна листа и го вклучија бакарот (заедно со среброто и други материјали), испраќајќи јасен сигнал дека металите на енергетската транзиција се прашање и на економска и на национална безбедност.

CRMA поставува и конкретни цели до 2030: најмалку 10% на екстракција, 40% на преработка и 25% на рециклирање од годишната потрошувачка на ЕУ. Дополнително, не повеќе од 65% од секоја стратешка суровина смее да потекнува од една единствена трета земја. Овие репери се корисни и за нашата политика при дефинирање на националните листи и локалните приоритети.

Холандскиот пример: стоковни резерви на критични суровини

Не се работи само за поддршка на рударството, во ЕУ се менуваат и политиките за стокови резерви поврзани со критичните или стратешките материјали. Холандија во октомври 2024 најави проценка за воспоставување стратешки стокови резерви на критични суровини на национално или прекугранично ниво, синхронизирано со формирањето на Националната опсерваторија за материјали (NMO) за следење на синџирите на снабдување. Во јуни 2024 NMO објави студија за изводливост на национална програма за складирање на критични суровини како алатка за јакнење на европските ланци на вредност. Во март 2025 холандското државно инвестициско тело најави јавноприватен фонд за обезбедување пристап до критични материјали за Холандија и Европа, а деловната заедница ја позиционира стоковната резерва како предуслов за стратешка автономија и кружна транзиција согласно пошироката европска stockpiling-стратегија претставена во јули 2025.

Индиректна потврда дека вниманието кон бакарот и сродните метали не е само локален, туку глобален императив.

Домашните капацитети: потпирање на постојната индустриска база

На домашен терен, рударството веќе има јасен индустриски профил кој може да се надгради во духот на новата политика.

Рудникот „Злетово“, кое е дел од „Булмак 2016“, и поширокиот кратовско-злетовски појас важат наоѓалиште со олово – цинкова руда, но минералната слика е побогата од основната руда. Покрај оловото и цинкот, во минерализацијата во секундарните текови се среќаваат и сребро, германум, индум, кадмиум, бизмут, галиум и злато, сите елементи со растечка технолошка употреба во фотоволтаици, полупроводници, батериски ланци и специјални легури. „Злетово“ има годишен капацитет за преработка од околу 150–180 илјади тони руда, со вкупно производство на оловен и цинков концентрат од 12–13 илјади тони годишно.

Во источниот регион, Бучим и неговиот наследник „Боров Дол“ ја носат бакарната приказна: со пренасочување на флотацијата и складирањето во постојната инфраструктура, Боров Дол обезбедува континуитет на производството и работните места, со резерви и планови кои го продолжуваат животниот век на капацитетот најмалку до крајот на деценијата.

Рудникот „САСА“ во Mакедонска Каменица е еден од регионалните репери за подземна експлоатација на олово-цинк со околу 800 илјади тони руда годишно.

Научни трудови и оперативни согледувања евидентираат и присуство на дел од наведените елементи и во антропогените депонии и металуршки јаловишта во близина на рудниците, што отвора простор за понатамошно извлекување на металите.

Поуки за индустриската политика: од листи до реални резултати

Клучната придобивка од воведувањето на национални листи е предвидливоста, поставување на јасни критериуми за проекти со стратешка ознака, поефикасни дозволи и подобро таргетирање на инфраструктурна поддршка. Усогласувањето со европските политики создава можности домашните оператори да станат дел од европски стратешки проекти, каде што се вреднува локалната содржина, еколошките стандарди и степенот на преработка и рециклирање. Паралелно, глобалниот фокус врз бакарот и сродните метали ја нагласува потребата Македонија да го развие сопствениот технолошки капацитет за извлекување на елементи-соработници, вклучително и преку внимателни пилот-проекти за повторно извлекување од јаловишта.

Ова е реална шанса за државата да го претвори рударството во политика на развој, а не само во активност на екстракција. Националните листи на критични и стратешки суровини, усогласени со европските правила и дополнети со современи стандарди за животна средина, можат да го позиционираат секторот како сигурен столб на економијата.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести