Основното јавно обвинителство на 13. јуни поднесе обвинение за пожарот во т.н. дискотека во Кочани во кој загинаа 62, а беа повредени 203 лица, но истото се уште не е одборено од Основниот кривичен суд.
Како и што пишуваа медиумите периодов причината за тоа е што станува збор за обвинение кое опфаќа дури 34 физички и три правни лица, (истото е на 160 страници), а за истото има многу голем број докази и оштетени лица, објаснуваат од Судот.
Другата причина е што за обвинението до Судот се доставени дури 40 приговори од обвинетите и нивните бранители, а истите се во фаза на анализа од советот за оцена, по што треба да биде донесена одлука за обвинението.
Од таму посочуваат и примери со други предмети како „Адитив“ за кој обвинение имаше за 36 обвинети физички и правни лица, на 27. февруари годинава, а истото беше одобрено на 6. мај, предметот “Синџир“ во кој се обвинети 41 правни и физички лица, за кој обвинение беше поднесено на 23. јануари лани, а истото беше одобрено на 22. април лани, како и предметот познат како „27-ми април“, за кој имаше обвинение за 30 лица, кое беше поднесено на 27. март. 2018 година, а истото беше одобрено на 22. јуни истата година.
Фото: Игор Бансколиев