Од Основното јавно обвинителство – Скопје потврдија дека до него Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против осум физички лица – поранешни функционери и службеници во Општината Сарај и Град Скопје, како и надзорен инженер, поради сомнение дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, несовесно работеле и фалсификувале и уништувале деловни книги.
Кривичната пријава е поднесена против поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, С.Ш. и Ќ.К., поранешни секретари во Општина Сарај, А.С. и Ќ.А., раководители на Секторот за урбанизам во Општина Сарај, А.Ш., помлад соработник во Општина Сарај, И.Б.Ш. раководител на Секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје и Љ.Т., надзорен инженер.
Тие ќе одговараат за кривичните дела злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.
-Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.
На овој начин, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, овозможиле фирмата „Азра Идриз“ од селото Глумово во Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од над 108 милиони денари или околу 1,8 милиони евра“, информираат од Финансиската полиција.
Фото: Беџети/Фејсбук














