“Чоколадниот“ лабрадор Роџер, на возраст од 2,5 години е нов член на тимот на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија, информираа од таму.
Тој е вдомен на Клиниката неодамна и брзо се прилагодил на персоналот и пациентите и станал омилен “колега„.
Неговото вдомување на Клиниката е дел од имплементацијата на програмата Animal Assisted Activities (AAA), која подразбира активности поддржани од животни, кои претставуваат структурирани, но неформализирани, со цел обезбедување емоционална поддршка, чувство на смиреност, поттикнување социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
Според директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата.
„Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во групи, секогаш под стручен надзор и со претходна согласност од пациентите. Со овој чекор сакаме и да го поттикнеме вдомувањето кучиња како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни кучиња“, вели таа.
За Роџер е обезбедена соодветна куќичка и бокс пред влезот на Клиниката. Тој е под редовна ветеринарна контрола, со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него секојдневно се грижи персоналот, при што и пациентите, со согласност и под надзор, постепено се вклучуваат во грижата.
Неговите активности започнуваат од 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт со простории каде што има храна или лекови, а неколкупати дневно оди на подолги прошетки со вработени или со пациенти – доброволци од дневната болница.
Лабрадорите се една од најчесто користените раси во активности поддржани од животни поради нивниот карактер.
„Тие се познати по смиреност, трпеливост и предвидливо однесување, имаат висока емпатија и социјална интелигенција и интуитивно реагираат на човечки емоции како тага, страв или анксиозност“, додава директорката.
Дополнително, лабрадорите лесно учат, добро следат команди и имаат висока толеранција на физички контакт, што ги прави идеални за тераписка средина. Сите овие карактеристики ги има и Роџер, кој веќе внесе многу позитивна енергија во секојдневието на Клиниката за психијатрија, велат од таму.
Фото/видео: Клиника за психијатрија/Фејсбук












