Македонија го добива првиот Национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“: Национална ВИ Фабрика и Антена“ (AI Antenna Factory), информираше денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
– Ова е капитален проект со историско и национално значење. Нова страница во дигиталниот развој на Македонија во која Владата, универзитетите, индустријата, заеднички градат Национален систем за вештачка интелигенција.
Носител на овој проект е Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) преку УКИМ во Скопје, со силна институционална поддршка од Министерството за дигитална трансформација и Владата, рече тој.
Станува збор за инвестиција од околу 6 милиони евра, а истиот е финансиран од Европската унија (ЕУ) со кофинансирање од страна на Министерството, Владата и ФИНКИ.
-Со овој проект Македонија се позиционира како активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција, што претставува огромен исчекор за нашата научна и технолошка заедница.
Како што наведе вчера претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ЕУ препозна дека капацитетот на моќ на супер компјутерите и инфраструктурата за вештачка интелигенција е фундаментален преудслов за технолошка автономија и конкуретност. Во таа насока таа најави дека овие фабрики за вештачка интелигенција ќе се отворат и за Западен Балкан, вклучително и со антени и во Македонија и во Србија, рече Андоновски.
„Везилка“ е планирано да функционира како придружен центар на Европската фабрика за вештачка интелигенција (ФАРОС), со седиште во Грција.
– На овој начин и ние ќе се вклучиме на европската структура на вештачка интелегенција, што значи нови можности за развој, истражување, меѓународна соработка и дигитална иновација. Но, проектот има и поголема цел, а тоа е да изгради Национален еко систем за одговорна и доверлива примена на вештачката интелегенција, рече тој.
Пет области се приоритетни за овој проект: создавање системски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство, како и примена на вештачката интелигенција во здравството, енергетиката, јавната администрација и земјоделието.
Освен структура, „Везилка“ ќе основа и Центар за обука и за тренинг за вештачка интелигенција. Планирано е да се спроведуваат обуки, едукативни програми и практични проекти со цел да се развијат вештини, знаења за новата дигитална економија.
Фото: Унсплеш