„Македонија не е Грција“ – „Матица македонска“ ја објави книгата од турскиот генерал Ознал со факти за Македонија и Македонците

„Матица македонска“ ја објави книгата „Македонија не е Грција“ од Ердоѓан Ознал, генерал на Корпус во Турската армија, познат истражувач и толкувач на балканските состојби.

Ова капитално дело за првпат е објавено во Анкара, во 1993 година, кога силно ја разбранува и грчката јавност, а „Матица македонска“ го објавува во превод на македонски јазик.

Македонија не е Грција и гледано низ историјата, никогаш не била грчка. Македонскиот народ, историски и етнички, никогаш не бил грчки – тој е посебен, вековен народ. Секој народ, сам си го избира своето име. Македонскиот јазик е единствен. Грција го лаже Балканот. Историските, културните и етничките вистини на Македонците треба да се признаваат.

Ова се само дел од пораките испратени со насловите на поглавјата на оваа книга мала по обем, но голема според опфатот на нејзината содржина, напишана со користење документи и податоци од архивите на Отоманската империја, вклучително и од Турскиот воен архив.

Во 1993 година, Ердоѓан Ознал како раководител на Националното воено здружение на Турција учествуваше на симпозиум за Балканските војни во Грција. На брошури, книги и на транспаренти по ридовите на Атина, секаде читал иста реченица: „Македонија е Грција“. „Грците без престан повторуваа дека Македонија отсекогаш била грчка, дека нема македонски народ, итн…“ – сведочи самиот Ознан.

Иритиран, побарал збор на симпозиумот и пред 150 присутни рекол: „Македонија не е Грција“, по што настанал молк, без спротивставување од кој и да е друг учесник. Веднаш по враќањето во Турција ја пишува оваа книга којашто говори со јазикот на фактите и ја отсликува Македонија низ вековите во нејзината вистинска светлина. Всушност, „Македонија не е Грција“ е најуверлива негација на грчките небулози, пројавувани во подолг временски период и, особено, по осамостојувањето на Македонија.

– Кога ја пишував книгата бев главен на воените историчари, иако јас не сум историчар по вокација, туку воен пилот. Во Воениот архив имав на располагање 8 милиони документи од 1853. до 1974 година. Таму најдов дека од 1453 година кога султанот Мехмед Втори Фатих го освоил Истанбул, па сѐ до почетокот на XIX век, македонскиот народ бил оставен да живее под Грчката патријаршија. Бидејќи македонскиот народ бил под посебна пресија за асимилација, на 11 март 1870 на Македонците им се дозволило да формираат своја црква, што говори дека Македонците и тогаш биле посебен народ, има напоменато самиот Ознал.

Во книгата се презентирани дел од османлиските архиви за границите на Македонија во рамките на Отоманската империја, табеларни прикази за бројот на жителите, територијата како и пописот на населението од 1904 година за тоа кои народи живеаат во Македонија и колкав е бројот на жителите пооделно за секој од нив.

Меѓу другото, турскиот генерал, низ податоци од Турскиот воен архив ја покажува жестоката асимилаторска политика на Грција кон Македонците. „На пописот во 1904 година ги имаше 896.494, во 1913 година – 329.371, а на пописите во 1926 и 1940 година веднаш ги снема. Каде отиде македонскиот народ, што стана со него?“, творено прашува во книгата.

Притоа, Ознал пишува и за геноцидот врз Македонците од 1913-1918 година, кој го смета за многу поголем од голготата во 1948 година во Егејска Македонија, под Грција. Според турските архиви, турскиот Генералштаб располага со фрапантни податоци за масовен егзодус на Македонците од Егејска Македонија, присилно протерани во Бугарија.

Ги издвојува и податоците за протерани Македонци од Егејскиот дел на Македонија по населени места: Кукуш 18.989, Серес 11.404, Зрнево 11.223, Демир Хисар 10.576, Сланик 7.285, Вардарски долен дел 7.257, Герман 5.195, Драма 4.233, Кесри 3.577, Селаник 1.782, Лерин 1.676, Лагадин 1.581, Зенес 1.442, Меглен 1.233, Воден 449, Кавала 381, Нигри 326, Бер 114, Ѓунеи 285 итн.

Ознал се осврнува и на проблемите актуелни по осамостојувањето на Македонија, поврзувајќи ги со историскиот контекст и претходниот однос на Грција кон Македонците, Македонија и македонското прашање.

– Во весникот „Напредок“ што излегува во Солун, а се печати на француски јазик, во бројот што излезе на 26. октомври 1926 година, се констатира дека егејскиот дел на Македонија целосно се погрчил. Во големата енциклопедија на Грција, на страница 410 се вели: „Со вселувањето на Грците што се иселија од Турција во егејскиот дел на Македонија извршивме еден голем патриотски долг’, има забележано Ознал во книгата, за потоа да напомене и дека во 1990 година, службите за човекови права во САД јавно проговорија дека Македонците како што ги има во Република Македонија, во Бугарија и во Албанија, ги има и во Грција.

Според него, ииако Грција беше бесна, оваа констатација за постоењето на Македонци во оваа земја беше од голема полза светот да ја дознае вистината. Ако не постоеше овој народ и оваа нација, зошто Караманлис во 1992 леејќи крокодилски солзи на аеродромот во Солун рече дека Киро Глигоров ќе се кае за она што го вели и што го прави, прашува турскиот генерал во книгата.

„Македонија не е Грција“, како ретко која друга публикација има предизвикано реакции во Грција, со бројни написи во медиумите, со реакција, вклчително и за тоа што иако ставовите во книгата не се на официјална Турција, книгата е печатена во печатницата на турскиот Генералштаб и со тоа добива полуофицијален карактер.

Инаку, Ердоѓан Ознал има македонски корени – неговиот татко е роден во Дојран, а за време на Балканските војни со родителите бега за Турција. Генерал Ознал, во 2017 година, за првпат ја посети Македонија и ги обликоли мстата за кои како дете слушал од татко му.

Во текот на месецов, меѓу другото, во „Матица македонска“ се одвива акција во која сите книги што се однесуваат на македонскиот национален идентитет се достапни по половина цена. До крајот на август, книгоиздавателството ќе објави и неколку новиизданија што се однесуваат на важни прашања за Македонија, за нејзината историја и за нејзината сегашност. „Македонија не е Грција“ е една од тие книги.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести