Родителите на загинатите и нивните семејства денеска наместо во Кочани, како секоја сабота 29. недели по ред, маршираа по улиците на Скопје.
За разлика од кога првпат дојдоа во Скопје, денеска добија поголема подршка и од граѓаните на главниот град.
Маршот започна на плоштадот „Македонија„ во центарот на градот, а потоа продолжи пред македонското Собрание и Основниот кривичен суд Скопје.





Пред Собранието, Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на загинатиот Андреј Ѓорѓиески од ДНК ги повика пратениците да помогнат во потрагата по вистината за трагедијата – да иницираат надзорна расправа и да формираат посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
-Останавме со сомнеж дека вистината е скриена, рече таа меѓудругото.
Иако Собранието работи викендов, ни еден пратеник не излезе од зградата, за да им даде подршка.
На маршот се обратија и неколку од родителите на загинатите, кои порачаа дека не сакаат милост, туку вистина и правда.
-Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка, порача еден од родителите.
Како и многу пати досега родителите на загинатите порачаа дека нема да застанат додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата во која загинаа 63, а беа повредени 202 лица.
Маршот беше во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“.
Судењето за пожарот во т.н. дискотека започнува следната недела, на 19. ноември.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој се е обвинет за трагедијата во Кочани, судењето почнува следната недела














