На денешното рочиште сведочеше Мартин Китанов, кој го преживел пожарот во т.н. дискотека „Пулс“, благодарение на момче кое се појавило, откако претходно неколку лица не успеале да го спасат, додека бил паднал по стампедото кое настанало по пожарот.
Тоа било невозможно, бидејќи врз него имало и други паднати лица.
Кога целосно изгубил надеж дека ќе се спаси се сетил на неговите две деца и како што кажа нашол сила да продолжи да дише.
-Во целата ситуација дојде едно момче, го видов како ангел спасител, тргаше некого над мене. Почнав да го штипам за да ме види и да ми помогне. Ме фати за двете раце и ми рече: ‘братче, ајде“.
Како во секунда да добивме сила и двајцата. Ме извлече…, раскажа тој.
Во т.н. дискотека отишол со четворица другари за да го прослават раѓањето на синот на едниот од нив. Никој од нив не го преживеал пожарот.
Сакал да се врати по другарите, но други лица не му дозволиле.
-Луѓето околу мене рекоа дека нозете ми се крвави. Тогаш почнав да губам сила. Седнав на тротоарот и доживеав стрес, ми се вкочанија и рацете и нозете.
Гледав пред мене лоша слика. Деца, луѓе паѓаа, се онесвестуваа, а јас не можев ништо да направам. Прашував за моите другари…, рече тој, посочувајќи дека им ѕвонел на другарите повеќе од 20 пати, но никој не се јавил.
Судењето треба да продолжи на 2. февруари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Брат ми го познав по тетоважите, кажа келнер кој работел на црно во “Пулс“
Фото: Игор Бансколиев













