“Мераклиска“ највисоко оценета македонска ракија на IWSC Лондон

Имако Вино, една од најиновативните домашни винарии, втора година по ред ја добива наградата за најдобра македонска ракија на еден од најпрестижните светски настани за оценување на дестилати – IWSC Spirits во Лондон, информираат од таму.

„Мераклиска“ на Имако освои извонредни 94 поени, највисока оцена доделена на македонско вино или ракија на овогодинешниот натпревар.

-Со ова признание, „Мераклиска“ се искачи на врвот меѓу македонските ракии, надминувајќи ја и најпродаваната жолта тиквешка лозова ракија, која освои 90 поени.

Инаку, Имако и минатата година на истиот натпревар го имаше највисоко оценетиот македонски жесток пијалок на ова престижно натпреварување со „Bohemian Brotherhood XO”, десетгодишно бренди зреено во француски даб, велат од таму.

Петчленото интернационално жири на IWSC, предводено од Џоел Харисон, еден од најпознатите светски авторитети за дестилати и вина, својата оценка во рангот на „светска класа“ за „Мераклиска“ ја образложи со следниве зборови: „Букето се отвора со цветни ароми од мускат и нежен, меден цветен мирис, кои елегантно водат кон комплексно непце што балансира свежа овошна киселост со богата, медена сладост.“

По повод најновата награда за уште еден продукт на Имако, извршниот директор на компанијата, Никола Љуботенски изјави:

„Оваа награда е уште една силна потврда на нашата филозофија да создаваме вина и жестоки пијалаци кои се вкоренети во традицијата, а обликувани со иновацијата. Освојувањето на 94 поени на IWSC Лондон за нашата Мераклиска ракија е момент на гордост, но и одраз на насоката што ја зедовме како бренд, да направиме мост меѓу наследството и модерната префинетост.

Фактот што втора година по ред ја имаме најдобрата ракија во Македонија, заедно со другите награди за нашите вина потврдуваат дека сме на вистинскиот пат. Воедно, со наградата докажавме дека извонредноста не мора да биде ексклузивна и може да биде достапна и во Македонија.“

Во последните години, Имако се истакнува со слични престижни награди како Gold на AWC Vienna, Gold на Mundus Vini, 92 points на Decanter World Wine Awards и Grand Gold на CMB 2023 за Constellation Vranec кој воедно беше препознаен како “најдобар Вранец во Македонија“. Винаријата која над 80% од производството го извезува на меѓународниот пазар, и тоа исклучиво во шишиња, со наградата за „Мераклиска“ го потврдува својот статус на амбасадор не само на македонските вината, туку и на македонската ракија, посочуваат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести