Христијан Мицкоски е реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот 18. Конгрес на партијата, кој се одржува во Кавадарци, под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“.
На конгресот едногласно е усвоен и документот „Ново поглавје Стратегија: Македонија 2030″, што станува основната програмска рамка за дејствување на партијата до 2030 година.
„Денес, со усвојувањето на Стратегијата и Доктрината, создадовме нешто повеќе од политички документи, создадовме национален патоказ. Тоа е рамката што треба да ја стабилизира државата, да ја европеизира без да ја разредува, да ја зајакне без да ја изолираме, да ја направи конкурентна без да ја изгуби својата духовна вертикала. Ние не пишувавме програма, ние создадовме договор со иднината. А секој договор, вреди онолку колку што сме подготвени да го исполниме“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека со неговиот реизбор, победила идејата и патот што го трасираат за Македонија. Заблагодарувајќи сè уште еднаш за довербата, Мицкоски потенцираше дека ова не е лесен товар, туку е товар што го прифаќа со мир, затоа што знае дека не го носи сам, затоа што знае дека позади него стои народот.
„Да се води ВМРО-ДПМНЕ не е само позиција или работа, тоа е тежина која носи надежи, соништа и очекувања за иднината на нашата Македонија. Со секоја одлука и секој чекор, ја носиме одговорноста кон народот, кон партијата и кон државата, со цел да создадеме систем и генерација која ќе ја води Македонија исправено, стабилно и достоинствено. Нашата обврска е да ја градиме државата што ќе ги штити граѓаните, ќе обезбеди можности за младите, ќе ја поттикне економијата и ќе го зачува достоинството на секој човек.
Пред нас се големи предизвици, но силата на Македонија не лежи во нејзината големина, туку во зрелоста на нејзините институции, способноста на народот да гледа пошироко и храброста да ги решава тешките прашања. Нашата генерација има привилегија и должност да ја премости старата и новата Македонија, да гради стабилна, самосвесна и модерна држава, која ќе опстои и ќе напредува независно од времето и околностите.
Јас верувам во Македонија, не затоа што е совршена, туку затоа што е наша, а ние сме генерацијата што ќе ја направи достојна на секој што ќе дојде по нас, со работа, посветеност и верба во заедничката иднина,“ додаде тој.
Фото/Фејсбук-Мицкоски













