Милановиќ: Навредливо е кон Северна Македонија и Црна Гора да се каже дека Украина е најблиску до членство на ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничка прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев, изјави дека односите помеѓу Бугарија и Македонија се внатрешно политичко прашање.

„Очигледно е дека се работи за интимен политички простор и на Бугарија и на Бугарите, како и на Македонците. Но, зошто велам дека тоа е внатрешно политичко прашање? Власта во Македонија, која дојде неодамна, значи и претседателката и премиерот се од иста политичка групација и цврсто ја држат власта, очигледно не сакаат да направат некои компромиси. Додека проценуваат дека тоа не ја загрозува позицијата на државата, дека таа и натаму е цврста, тоа е само нивна одлука. Бугарија очигледно смета дека не може да помине преку некои работи и не е на мене јас да зборувам за тоа,“ изјави Милановиќ.

Тој упати забелешки кон ЕУ, оценувајќи дека навредливо е кон Северна Македонија и Црна Гора да се каже дека Украина е најблиску до членство во Европската унија.

„Ми се чини дека тој цинизам и безобразлук на одредени европски структури е незапирлив. Тие луѓе како да се опседнати со Украина и како тоа да им е начин да останат на власт. Украина е земја во војна, без јасно дефинирана територија, која не е во состојба самата да се финансира. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ, отколку Црна Гора или Македонија е дрска навреда кон тие држави. Тоа е нечесно и не е човечки, ние ја уништуваме таа земја,“ додаде Милановиќ.

Радев пак, уште еднаш ја повтори позицијата на Бугарија, дека сè уште се чека државата да го исполни јасно напишаниот услов кој би отворил врата за почеток на преговори. А тоа е гарантирање на рамноправноста на Бугарите во земјата преку нивно вклучување во Уставот.

„Тоа е она што го сакаме. Кон нашите соседи гледаме конструктивно и добронамерно и покрај нивниот постојан провокативен, па дури и навредлив речник кон нас. Правиме сè што е можно за да ги исполнат критериумите и условите што се усвоени и евидентирани,“ изјави Радев.

Фото/Кабинет на претседател

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести