МНТ со „Лов на дива свиња“ ќе гостува во Подгорица

По успешната праизведба летово на сцената во Македонскиот народен театар, претставата „Лов на дива свиња“ на 7 септември премиерно ќе се одигра пред публиката и во Градското позориште Подгорица. Ден потоа е закажана и првата реприза.

Марија Сарап е современа писателка од Црна Гора, која од неодамна е уметнички директор на Црногорско народно позориште. Поплавска е македонска режисерка што на нашата публика ѝ донесе значајни претстави и долгогодишен соработник на МНТ, каде што ги постави мјузиклите „Чикаго“, „Мама миа“, „Архангелот над Скопје“ и многу други. Претставата „Лов на дива свиња“ е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште Подгорица и Здружението за развивање уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје. Во претставата играат актери од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова-Славенска и Мина Јелушиќ-Јериниќ од Македонија, како и Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.

Режисерката Поплавска која е претседател на „Арт медиа“, иницираше театрите на двете земји да потпишат Меморандум за соработка, а во јуни годинава директорите на двете театарски институции, Никола Кимовски на МНТ и Сандра Вујовиќ на Градско позориште Подгорица, по потпишувањето, решија веднаш да започнат со реализација на претставата „Лов на дива свиња“, што е првиот заеднички проект.

Со тоа започнува културната размена што предвидува развој на современата театарска сцена во регионот, поинтензивна соработка и нови регионални иницијативи меѓу Македонија и Црна Гора.

 „Лов на дива свиња“ е современа драма и симбиоза на два авторски текста потпишани од Марија Сарап – „План Б“ и „Лов на дива свиња“. Претставата се занимава со интимна и силна исповед за жените, кои преживуваат семејно насилство и фемицид, нивната борба за себеидентификација и начините на кои се соочуваат во токсичните околности каде што се губат себеси. Делата на Сарап, општо земено, се карактеризираат со длабока психологизација на ликовите и истражување на социјалните и семејните теми, често фокусирајќи се на женските перспективи и нивните борби во патријархалните општества.

„Ова е приказна за демоните што ги ловиме цел живот во себе и се обидуваме да ги избркаме од себе за да бидеме подобри луѓе“, Вели Сарап. 

Режисерката Поплавска додава дека се работи за „Женска тема со јасна порака, приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата. Оваа претстава е женски крик на сите оние што доживеале дел од она што ние го поставивме на сцената. 

Претставата ја отвора темата фемицид и истовремено е апел до сите засегнати институции. Мисијата сме ја постигнале, доколку барем некој во публиката одлучи да каже: Доста е!“, истакнува Поплавска и додава: „Со оваа претстава создадовме простор каде што актерите, без разлика на националноста и јазикот, заедно креираат искрена, силна и емотивна приказна. Радоста, енергијата и креативноста се чувствуваа на секоја проба и изведба.“

Претставата се игра двојазично – на македонски и на црногорски јазик, а сензибилитетот на актерите од двете земји ѝ носи дополнителна динамика и културна тежина.

Во претстојниот период, претставата ќе продолжи да се изведува на сцените на Македонскиот народен театар и Градското позориште Подгорица, со ангажман на две технички екипи, додека актерите ќе патуваат на релација Скопје – Подгорица. Соработката меѓу двете институции ја поттикнува долгорочната културна размена и заедничкото творештво на современи автори и уметници од регионот.

Покрај изведбите што се планирани во Македонија и Црна Гора, „Лов на дива свиња“ е подготвена и за учество на регионални и меѓународни фестивали, каде што ќе продолжи да ја пренесува својата универзална порака. Проектот е одличен пример за значењето на уметничката соработка и создавање заедничка театарска сцена, која ги надминува границите и промовира важни општествени теми.

Фото: Емил Петров

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести